Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Медиумската писменост е интелектуална слобода, порача новинарот на МИА Танушевски на Прес-Аголот во Битола

– Медиумската писменост е интелектуална слобода, истакна Марјан Танушевски, новинар на МИА, на денешниот Прес-Агол што се одржа во Бизнис академија Смилевски, а во рамки на манифестациите Денови на медиумска писменост.

На интерактивна средба со студенти, професори и новинари, Танушевски посочи дека ако медиумска писменост е способност за пристап, анализа, вреднување и испраќање пораки преку медиумите, тогаш треба постојано да се инвестира во медиумската писменост бидејќи е загрозена.

-Добро е што јавно се зборува за медиумската писменост и исто така е добро што е формирана Мрежа за медиумска писменост во која партиципира и македонската Медиумска информативна агенција-МИА. Но, мора секојдневно да се работи на зголемување на свеста за медиумска писменост и посебно да се раздвижи академската заедница која недоволно е активна, и недоволно посветена на медиумската писменост. Овој недостиг во јавноста може да се надополни со јасна и недвосмислена поддршка од Министерството за образование и наука и востановување редовен наставен предмет за медиумска писменост на сите нивоа на образование, нагласи проф. д-р Марјан Танушевски.

Во SWOT анализа за актуелните состојби со медиумската писменост во земјава, нотирани се повеќе слабости, а закана се зачестените дезинформации, лажни профили и фејсбук инфлуенсери кои го контаминираат јавното мислење.

-Директните штетни влијанија врз медиумската писменост може да се отстранат со поддршка и мотивирање на професионалното новинарство. За жал новинарите не се доволно платени и со низок стандард и затоа се поретко се одлучуваат за истражувачко новинарство кое често е под притисок. Дел од медиумите се одлучуваат да продаваат информации, наместо да пренесуваат информации неправејќи разлика што е јавен, а што, комерцијален интерес. Но, најважно од се е медиумската писменост да се развива низ соработка со институциите и „инфодемијата“ да се скроти со вештини и знаења, посочи Танушевски, на Прес-Агол, што се одржа во Бизнис академија Смилевски-Битола.

Деновите на медумска писменост годинава се одржуваат под мотото „Брз прст, лажни вести носи“, а серијалот настани е поддржан од македонската Медиумска информативна агенција-МИА. 

Треба да знаете
Moже да ве интересира