Мицкоски до Турција: Дојдете уште повеќе да ја развиваме Македонија

Премиерот Христијан Мицкоски ги повика турските инвеститори да вложуваат во Македонија и да бидат дел од, како што рече, развојната приказна на земјата.

Тој денеска учествуваше на бизнис-форум во Истанбул, заедно со владина и бизнис-делегација, каде што беа презентирани можностите за инвестирање во македонската економија.

Мицкоски изјави дека постои голем интерес кај турските компании за инвестиции во Македонија и дека целта на посетата е да се поврзат македонските компании со бизнис-секторот во Турција.

Според него, Владата ќе ги презентира можностите и поддршката што ја нуди за привлекување странски директни инвестиции.

Во обраќањето на форумот, Мицкоски посочи дека Македонија и Турција имаат традиционално пријателски односи, кои, според него, се основа за продлабочување на економската соработка и отворање нови инвестиции.

Тој ја претстави Македонија како стабилна и конкурентна бизнис-дестинација, со стратешка географска положба, индустриски зони, поволна инвестициска клима и пристап до регионалните и европските пазари.

„Турските компании преку инвестирање во Македонија добиваат можност да станат дел од европските синџири на снабдување и да го прошират своето присуство на пошироки пазари“, порача Мицкоски.

На форумот учествуваа и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, првиот вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, како и претставници на македонски и турски компании.

Муцунски истакна дека трговската размена меѓу Македонија и Турција минатата година достигнала една милијарда американски долари, што, според него, е основа за поамбициозни цели во економската соработка.

Форумот е дел од проектот „Промоција на мапа за инвестирање“, во рамки на програмата за поддршка на спроведувањето на Националната развојна стратегија, предводена од Владата и Генералниот секретаријат, во соработка со УНДП.

Во рамки на форумот беа одржани и Б2Б средби меѓу македонски и турски компании, насочени кон идни партнерства и нови инвестициски проекти.

Најчитано