Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Мицкоски како портпарол на Владата и на Министерството за култура и туризам

Изненадување беше најавата утринава дека премиерот Мицкоски и денеска ќе одржи прес конференција, иако вчера одржа долга и исцрпна прес конференција за првите 100 дена од работата на Владата.

Во најавата не беше посочена темата, но на прес конференцијата, којашто ја следевме на ЈуТјуб каналот на Владата, го видовме премиерот во улога на портпарол кој го покани претставникот на компанијата РСД од Германија да земе збор.

Од гостинот, кој сам се претстави, разбравме дека се вика Кристијан Франк и дека благодарен за можноста што му била дадена и за поддршката на премиерот за нивната намера да донесат 35.000 туристи во Македонија почнувајќи од февруари идната година.

Потоа на говорницата си се покани и премиерот, кој главно ги повтори зборовите на Франк, само што истакна дека од бројот на гостите што се најавени се очекуваат вкпуно 140.000 ноќевања, што ќе биде за 10-15% повеќе од сегашниот број на ноќевања на туристите во нашата земја.

Станува збор за аранжман од културниот туризама кој ќе започнува и завршува во Скопје и Охрид, а ќе опфати и посета на Црна Гора и Албанија.

Премиерот очекува овие туристи да потрошат 50 милиони евра.

На крајот премиерот праша дали има прашања од присутните, за кои од видеото видовме дека се само гостите од Германија и министерот за култура и туризам, и откако после 3 секунди не доби прашање се заблагодари и ја заврши прес конференцијата.

Остана нејасно зошто премиерот ја презеде и функцијата портпарол и дали имаше новинари во Медија центарот кој, доколку биле таму, секако не би ја пропутиле приликата да му постават прашања на премиерот после големиот број критики што вчера беа упатени на адреса на Владата за нејзината работа во првите 100 дена.

Нејасно остана и зашто на оваа тема не зборуваше министерот за култура и туризам Зоран Љутков и со тоа ја пропушти можноста да го истакне овој договор за ново постигнување на Владата во 100 и првиот ден.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново