Мицкоски ќе проверува 600 производи и најавува мерки за пониски цени

Премиерот Христијан Мицкоски најави нова методологија за следење на цените на храната и детална анализа на 600 до 700 производи што влегуваат во статистичката потрошувачка кошница.

Тој вели дека лично го води процесот и дека идентификува кои производи најмногу влијаат врз трошоците на домаќинствата.

„Лично јас се занимавам со идентификување на тие 600 производи што влегуваат во статистиката и тоа за мене е врвен приоритет“, изјави Мицкоски.

Според него, Владата ќе ги анализира цените на секој производ поединечно, а доколку биде потребно, ќе се проверуваат и фактурите во синџирот од добавувачите до маркетите.

„Ако треба, фактура по фактура ќе ги анализираме“, рече премиерот, најавувајќи дека резултатите од процесот наскоро треба да бидат видливи на терен.

Мицкоски се повика на податоци на Евростат, според кои ценовното ниво на основната потрошувачка кошница во Македонија изнесува околу 49,7 проценти од европскиот просек. Тој призна дека тоа не е доволно и дека мора да продолжат активностите за намалување и стабилизирање на цените.

Премиерот не откри какви конкретни мерки се подготвуваат, кои производи би биле опфатени и кога граѓаните може да очекуваат пониски цени.

Владата претходно одржа состанок со претставници на најголемите трговски синџири, на кој како цел беше поставено годишното зголемување на цените на основните прехранбени производи во јули да биде под три проценти.

Најавени се разговори и со производителите, дистрибутерите и добавувачите, додека Државниот пазарен инспекторат треба да ги спореди набавните и продажните цени на исти производи во мај 2025 и мај 2026 година.

Најчитано