По успехот на младинската кошаркарска репрезентација на Европското првенство, младите кошаркашки надежи беа примени во Владата, каде што ги пречекаа премиерот Христијан Мицкоски и министерот за спорт Борко Ристовски.
На фотографиите кои ги објави Владата, интересно е да се забележи дека премиерот Мицкоски се фотографира со златниот медал кој му го дава претседателот на Кошаркарската федерација на Северна Македонија, Перо Антиќ.
Помеѓу фотографиите може да се види и дека кошаркарите, заедно со претседателот на федерацијата, Антиќ, се сликаат и со министерот за спорт, Ристовски. Токму Ристовски минатата година во еден медиумски настап го навреди и наклевети Антиќ дека поранешниот кошаркар пиел и користел дрога.
Перо Антиќ беше на мета токму од Ристовски, но и останати поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ дека во името на кошаркарската федерација го ставил новото уставно име на земјата, Северна Македонија. Антиќ за ваквите обвинувања објави дека името на федерацијата е променето на ист ден кога тој станал претседател на федерацијата, но пред неговиот избор, односно додека претседател на Кошаркарската федерација бил Петар Наумоски, поранешен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.