Најмногу се бараат продавачи и угостителски работници

Продажбата, угостителството и услужните дејности остануваат меѓу најактивните сектори на пазарот на трудот, покажуваат најновите податоци за слободни работни места во првото тримесечје од 2026 година.

Во периодот од јануари до март, стапката на слободни работни места изнесувала 2,07 проценти. Најголем број непополнети позиции има во групата работници во услужни дејности и продажба, каде биле евидентирани 2.346 слободни работни места.

Најизразена потреба од кадар има во секторот сместување и послужување храна, каде стапката на слободни работни места достигнала 4,94 проценти. Тоа покажува дека хотелите, рестораните, кафулињата и другите угостителски објекти и натаму се соочуваат со недостиг на работници, особено во период кога бизнисите се подготвуваат за зголемен сезонски обем на работа.

На регионално ниво, највисока стапка на слободни работни места има Вардарскиот Регион со 2,28 проценти. Најактивни во барањето нови вработени се компаниите со 10 до 49 вработени, кај кои стапката на слободни работни места изнесува 3,05 проценти.

Најмала потреба од нови работници е забележана во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, каде стапката изнесува 0,15 проценти.

Податоците ја потврдуваат сликата на пазарот на трудот во кој најголемиот притисок останува во дејностите со директен контакт со клиенти. Недостигот од продавачи, келнери, шанкери, готвачи и друг услужен персонал веќе подолг период е еден од највидливите проблеми за трговијата и угостителството, особено за малите и средни бизниси.

Од првото тримесечје на 2026 година податоците за слободните работни места се објавуваат според новата Национална класификација на дејностите, усогласена со регулативите на Европската Унија и препораките на Евростат.

Најчитано