Македонија за три месеци изгуби речиси 2.000 луѓе повеќе отколку што доби

млеко

Македонија и понатаму се соочува со негативен природен прираст и демографско стареење, при што во првото тримесечје од 2026 година негативен прираст е забележан во 66 општини низ државата, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС), додека истовремено се потврдува продолжување на трендот на намален наталитет и зголемена смртност.

Според податоците на ДЗС, во првите три месеци од годинава се родени 3.380 деца, што претставува пад од 4,1 отсто во споредба со истиот период минатата година. Во истиот период, бројот на починати лица изнесува 5.342, што е намалување од околу еден отсто во однос на првиот квартал лани. Меѓу починатите се евидентирани и девет доенчиња.

Дополнителни податоци на Евростат покажуваат дека Македонија бележи континуиран пад на бројот на жители, што ја позиционира земјата меѓу државите со изразени негативни демографски трендови во Европа. Според европската статистика, бројот на жители се намалил за околу 14.500 лица во период од три години, од 1.837.114 жители во 2022 година, на 1.822.612 жители во 2025 година.

Како клучни фактори за ваквите движења се наведуваат негативниот природен прираст и иселувањето, тренд кој е присутен подолг период и влијае на демографската структура на земјата.

Социологот Илија Ацески оценува дека проблемот е сложен и дека последиците веќе се чувствуваат, посочувајќи дека корените се поврзани со образовниот систем и промените во вредносните ставови кај младите генерации.

Во меѓувреме, Македонската православна црква најави формирање фонд за помош на многудетни семејства, додека Владата разгледува мерки како даночни олеснувања за мајки, поддршка за семејствата и зголемување на јавната свест за демографските предизвици. Дополнително, институциите формираа и специјални механизми за следење на демографските движења, но според анализите, ефектите засега не се видливи во статистиката.

Најчитано