Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Наплив на дезинформации потпалува анти-ЕУ сентимент во Северна Македонија

Фрустрациите заради застојот во евроинтеграцискиот процес се гориво со кое се распалува анти-ЕУ сентиментот во државата. Дезинформации и напади врз високи политички претставници, институции има не само во Украина, туку и во повеќе други европски држави. Често се испреплетуваат најразлични теми и наративи: традиционални наспроти западни вредности, се сатанизираат ЕУ и НАТО, се шират лаги за педофилски кругови, неонацизам итн. Целта е да се сее страв, да се креира раздор, да се поттикнат тензии, да се насочи и манипулира сентиментот против ЕУ, пишува Вистиномер во својата анализа.

Во втората половина на мај 2024 г., Европската мрежа за борба против дезинформации (ЕДМО) го објави новиот месечен Извештај (за април) за дезинформации споделени во земјите членки на ЕУ . Резултатите покажаа дека за првпат откога започна следењето на трендовите (мај 2023 година), анти-ЕУ дезинформациите достигнаа највисоко ниво. Односно, стапката изнесува 11 отсто од вкупниот број на откриени дезинформации.

Во Извештајот наведуваат дека едно од можните објаснувања за зголемената стапка се европските избори. Овој наплив на дезинформации има за цел да ги разгори тензиите, како и да се наруши довербата и интегритетот на изборите. Слично, една претходна наша анализа покажа дека дезинформациските трендови застапени во ЕУ се пресликуваат и кај нас, т.е. имаше купишта дезинформации коишто ја таргетираа ЕУ и нејзини земји-членки, претседатели, претставници.

Нападот во Москва, војната во Украина, Зеленски

Во изминатиот период се ширеа бројни дезинформации врзани за војната во Украинате, старо-новиот бран на лаги околу украинскиот претседател Володимир Зеленски, за терористичкиот напад во Москва…

Украинскиот претседател Зеленски беше мета на разни дезинформации уште од почетокот на годината. Така, на пример, во сатирична, но сепак и спинерска објава, се критикуваат „полицајци на европскиот другар Зеленски“, бидејќи, наводно, спречиле пензионерка да положи цвеќе на споменик посветен на антифашистичката борба. Неслучајно во објавата имаше еден куп коментари со познатиот наратив дека Украина има нацистички режим.

„Нацизмот на Зеленски“, „Наци нација“, пишува во некои од коментарите. 

Друг вектор на напад беше  дека мандатот на Зеленски му истекува на 20 мај, демек по тој датум неговата влада би била нелегитимна. Ова ќе беше вистина ако Украина не беше во војна. Но во воена состојба овластувањата на Зеленски продолжуваат сè додека таа ситуација не прекине.

Потоа, украинскиот претседател беше напаѓан дека има купено две јахти во вредност од 75 милиони долари. Дезинформацискиот наратив за неговата наводна корупција влијаеше на лица од америкнскиот конгрес и повеќе месеци се одложуваше донесувањето на новиот пакет мерки за помош на Украина.

Имаше и обид да се наруши угледот на Зеленски и се ширеше лажно дипфејк видео од него како танцува во егзотична носија. А, всушност се работи за манипулирано видео од 2020 година, на кое е прикажан руски танчер на некаква прослава. Инаку, пред да стане претседател Зеленски бил дел од шоу-бизнисот и учествувал во емисијата „Танцување со ѕвездите“ (во 2006 година) и снимил сатирично видео каде тој танцува во носија.  

Сите овие обиди  имаат цел да го уништат угледот на украинскиот претседател и довербата кај неговиот народ. Заради тоа се ширеа и дезинформации дека „Зеленски почна да ја губи популарноста во Украина“, односно дека само 42 отсто од народот му веруваат на претседателот. Вистина е дека се намалила довербата кај граѓаните од почетокот на војната, но таа е околу 62 отсто – процент со којшто ниту еден лидер од Г7 државите не може да се пофали.

Следна тема беше трагичниот настан во московксата концертна сала „Крокус“ каде на 22 март загинаа 133 лица. Иако одговорноста ја презеде терористичката група „Исламска држава“, руските пропагандисти овој инцидент максимално го искористија во своја полза. Па иако САД испрати предупредување не само до своите граѓани во Русија, туку и до руските безбедносни служби, за можен терористички напад, шефот на руската разузнавачка служба, Александар Бортников, директно обвини  дека Украина со помош од Запад го организирала терористичкиот напад. Руската пропадгандна порака брзо стигна и кај нас, па во една од објавите што се ширеа на Фејсбук се обвинуваат САД, Британија и Украина дека стојат зад терористичкиот напад

Зад терористичкиот напад во Москва стојат САД, Велика Британија и Украина, изјави директорот на руската ФСБ Бортников, пишува во објавата

Според Вашингтон Пост, овие обвинувања на Бортников се обид да се дефокусира вниманието од руската разузнавачка служба да го превенира нападот, како и да се вжешти антиукраинската реторика.

Оваа дезинформација се повтори и во друга објава, но сега прстот се вперува кон разузнавачките служби на Америка и Обединетото Кралство. Слична реторика имаше и портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, која изјави дека е „исклучително тешко да се поверува“ дека „Исламска држава“ имала капацитет да го изврши нападот врз концертната сала во Москва. Таа дополни: „[Вашингтон, Лондон, Берлин] бараа изговори за режимот во Киев за самите да избегнат одговорност,“ јасно кажувајќи кого тие го гледаат како главниот виновник за нападот. САД  Велика Британија и Украина децидно ги отфрлија овие обвинувања.

Несомнено дека московскиот напад на концертната сала дополнително придонесе да се зголеми бројот на дезинформации против Украина, но и пред нападот се ширеа лажни наративи.

Во неколку случаи се повторуваа старите дезинформации коишто од самиот почеток на војната беа дебанкирани. Таква беше објавата каде што се реактуелизира излитениот и веќе виден мит за „тајните американски биолаборатории во Украина“. Слична беше објавата дека „во близина на Харков е пронајден ценовник за продажба на органи на војници од украинските вооружени сили“. Пропагандата вели дека дури 7 проценти од украинскиот буџет доаѓа од „трансплантација на црно” – наратив споделен од Ана Кужнецова од државната Дума во Русија.

Злоупотребувајќи ја смртта на украинските војници во пропагандни цели, со новиот руски форхенд се ширеа купишта дезинформации околу самата армија на Украина. Веднаш по стартот на 2024 година се ширеа лаги дека „Украина губи 30 илјади луѓе месечно, убиени и тешко ранети во војната.“ Неколку месеци подоцна имаше и објави во кои се посочува дека лица со Даунов синдром биле мобилизирани во украинската армија, бидејќи Украина се соочува со недостиг на војници. Во друга ваква слична објава Зеленски беше критикуван дека „останал без луѓе (без војска). Исто како во неговото пророчко телевизиско шоу“.

Неодамна од пратеникот во Европскиот парламент Марсел де Грааф одекна пропаганда за украинските деца депортирани во Русија. Според него извештаите за ова не се точни и наводно Русија ги спасувала бегалците од Украина кои се бомбардирани од украинската армија.Тој изјави дека „Украина е најголем добавувач на деца за педофилски мрежи, трговија со луѓе и трговија со органи“. Дополнително во пропагандниот говор Де Грааф истакнува дека „во Русија децата добиваат традиционално воспитание и образование, а на Западот тие добиваат трансродова индоктринација, блокатори на хормони и осакатување на половите органи“. Во својот настап тој ги користи познатите крајнодесничарки и популистички наративи кои се присутни и во нашата држава.

Анти-ЕУ наративи таргет: држави, институции и поединци

Во последниот пример беше посочена изјавата европратеникот Де Грааф, познат мегафон на Русија и нејзин „најдобaр пријател“ во Европскиот парламент. Во своето излагање тој ги користи скоро од збор до збор истите пароли од познатите дезинформациски наративи на Кремљ. Но, освен за „изгубениот суверенитет“ или „изместените вредности“, другите вектори на напад се концентрираат на конкретни држави, институции или поединци, најчесто со примеси и детали од домашната политичка средина, за да се изгради навидум веродостоен наратив против однапред зацртаните мети.

Класичен пример за ова е фактот што веќе петнаесет години сме заглавени во преговори за полноправно членство кон ЕУ. Заради застојот со целиот процес на пристапување, разочараноста дополнително се филува токму со дезинформациските наративи од Русија. Затоа се шират штетните наративи дека ЕУ е „педофилска институција“ и дека ја уништува државата, иако вистината  е целосно спротивна  Во слична објава се шири дезинформацијата дека ЕУ е центар на злото, споредувајќи ја со „падот на Вавилон“, а во друга се сатанизираат ЕУ и НАТО.

Наративот дека „декадентниот Запад го владеат педофилски кругови“ ја зафати и Германија. Во една објава се демонизира ЕУ, со тоа што се посочува дека во учебник за децата во Германија – што не е дел од задолжителна образовна програма, се прикажани двојки кои имаат интимен однос. Во друга целосно лажна објава се тврди дека, наводно, се декриминализирало поседувањето на детската порнографија и тоа било само првиот чекор кон легализација на педофилијата.

Друга држава што беше мета на дезинформации е Франција. Во сличен стил, анти-ЕУ наратив се осврнува кон „фактот“ дека во француското собрание усвоиле закон за стопирање на ЕУ проширувањето:

Франција пресече, нема проширување наредните децении, вели објавата.

На ваквите дезинформации дека Франција и ЕУ намерно ги стопираат преговорите на С. Македонија за влез во ЕУ им претходеа серија на вистинити настани, кога прво Советот за општи работи на ЕУ (предводено од Холандија и Франција), па после и француското вето влијаеше на општиот проевропски сентимент. Тоа, пак, ја отвори вратата за вакви малигни влијанија. За ова пишува и регионалниот медиум European Western Balkans (Европски Западен Балкан):

Ги започнуваме пристапните преговори со горчлив вкус во устата: сè што доаѓа после ова од ЕУ, без разлика колку е добро, за многу луѓе ќе биде „плод на отруеното дрво – што значи дека ќе имаат негативни ставови токму поради оваа епизода, изјави Ивана Јордановска, бившата советничка на експремиерот Заев за European Western Balkans.

Меѓутоа, многу повеќе дезинформации имаше конкретно насочени кон францускиот претседател, Емануел Макрон. Во една објава претседателот беше претставен како дел од „сатанистичкиот култ“ којшто има планови за депопулација на населението. Всушност, се работи за нацрт-закон за евтаназија кој ќе овозможи „помош за завршување на животот“ само на возрасните лица кои страдаат од неизлечива болест и за кои се очекува да починат за „краток или среднорочен период“. 

Фото: Фон дер Лајен и Хитлер, дел од рецензирана објава

Други објави беа речиси исти како нападите по Зеленски, сакајќи да ја исмеваат машкоста на Макрон и да го поткопаат неговиот интегритет и способност како лидер. Во примерите кои тука ги посочуваме се работи за модификација на содржината, а во некои се користени алатки базирани на вештачка интелигенција. Во првата објава прикажана е „фотографија“ од францускиот претседател во розови пижами. Во втората е прикажана видеоснимка како тој танцува во дискотека, навидум од 80-тите години, а во истата снимка има лажно видео oд Зеленски кое веќе го имаме фактчекирано. Во трета објава, повторно за Макрон и Зеленски, тие лажно се прикажани како се бакнуваат. Пропратени со хомофобичните изјави, овие дезинформации се во склоп на реториката на Кремљ која го врамува конфликтот со Украина како борба против Западот и западните вредности, а „бакнежот на лидерите“ е пример пар екселанс за западната декаденција.

Мета на дезинформации по социјалните медиум во државата е и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

За време на официјалната посета на Макрон во НР Кина, беа пласирани  дезинформации дека на Фон дер Лајен ѝ го одбиле дипломатскиот статус и морала таа да чека ред со редовните патници.

Во друга објава со фабрикувана слика се тврдеше дека претседателката на ЕК  рекла дека нема „нема да има проширување во наредните 15 години.“

Налик на наративите за Украина и Зеленски, оваа објава сакаше да ја се поистовети Фон дер Лајен со нацистичкиот диктатор Адолф Хитлер, како тие да се крвно поврзани, затоа што со рацете правеле иста гестикулација за поздравување.

Дезинформации за Навални и по неговата смрт

Покрај горенаведените напади на држави, институции, политичари, имаше и објави против личности кои некаков начин ѝ се спротивставиле на актуелната власт во Кремљ. Таков пример беа купиштата дезинформации околу Алексеј Навални, најжестокиот критичар на Кремљ Тој беше претставуван како нацист со тетоважа од Хитлер на градите, се тврдеше дека неговата смрт не е заради отровот „новичок“, туку е предизвикана од ковид-19 вакцината на „Фајзер“. По смртта на Навални се ширеа дезинформаци и за неговата сопруга, Јулија Навални, па се тврдеше дека „имала  љубовник“.

Последното дезинформациско форте беше околу неколку вистински настани што се случија оваа година. Такви беа сликите генерирани со помош на вештачка интелигенција кадешто беше претставувана „окупацијата“ на Париз од земјоделците. Генерираните слики наводно ги претставуваат Триумфалната капија и Ајфеловата кула како се блокирани од бали сено, во пресрет на протестите на француските земјоделци. Потоа, по приемот на Шведска во НАТО се појави видео на кое лажно се претставуваше како шведската војска го слави нивниот прием во алијансата со ЛГБТ знаменца. Всушност, се работеше за стара снимка од 2022 година кога навистина дел од шведската војска присуствувала на парада на гордоста.

Во овој преглед прикажавме само само дел од објавите во кои се „плука“ по ЕУ и земјите членки и притоа се искривува сликата за конкретни настани… Исто така, се користат монтирани или генерирани содржини со помош на вештачка интелигенција, се извртуваат изјави, се пласираат дезинформации за изгубен суверенитет и изместени вредности, педофилија, нелегитимно владеење со државата… Неретко се спојуваат повеќе од овие наративи и се адаптираат конкретно на нашата публика, за да може потоа да се моделира пропагандна реторика за идни настани. Крајната цел е да се креира раздор и нетолеранција таму каде што има зрно недоверба и сомнежи меѓу граѓаните за исправноста на политиките – за недовербата и сомнежите да се продлабочат и манипулациите да станат поефикасни.

Пишува: Матеј Тројачанец

Oвој извештај е дел од заеднички проект на повеќе од 40 организации под водство на Европската мрежа за стандарди во проверката на факти за борба со дезинформациите во текот на европските избори во 20224 г. Повеќе можете да дознаете на elections24.efcsn.com

Зачлени се на нашиот е-билтен