Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Не може Мицкоски врз основа на впечатоци да донесува одлуки од огромно значење за граѓаните

Премиерот Христијан Мицкоски ѝ соопшти на јавноста дека донел одлука под овие услови кои ги смета за диктат (внесување на Бугарите во Уставот, за земјата да почне преговори со ЕУ), земјата да каже „не благодарам“, нема да преговара. Притоа, како аргумент повеќе наведува дека одлуката е донесена и затоа што „го дели впечатокот со огромен број македонски граѓани дека не треба повеќе на сметка на национални отстапки, идентитетски отстапки без гаранции да прифаќаме услови“. Впечатокот се проверува на референдум или барем во Собрание, инаку е спин, кога врз основа на впечатоци се правдаат надворешно-политички одлуки од огромно значење, пишува Вистиномер.

Текстот го пренесуваме интегрално:

Во изјавата на премиерот Христијан Мицкоски во врска со одлуката на ЕУ да ги раздвои Албанија и С. Македонија во преговарачкиот процес, може да се најдат елементи кои содржат спин:

Спин:Ние сме единствениот случај во кој билатерални договори се услови во Преговарачка рамка. Жалам што претходната Влада егзибиционистички прифаќаше сè, мафташе со европско знаме додека го ограбуваше сопствениот народ. Гледаме дека состојбата е таква каква што и го делам впечатокот со огромен број македонски граѓани дека не треба повеќе на сметка на национални отстапки, идентитетски отстапки без гаранции да прифаќаме услови…

[Извор: МИА – Мицкоски/изјава; датум: 26.09.2024]

Контраспин: Премиерот Мицкоски во аргументите зошто донел одлука да не преговараме натаму со ЕУ, меѓу другото ги наведува и граѓаните, т.е. неговиот впечаток за граѓаните кои сметаат дека не треба да прифаќаме натамошни услови за сметка на национални отстапки, идентитетски, итн, што во суштина е спин, покрај неколкуте други што можат да се сретнат во подолгата изјава.

Сè до завршувањето на изборите, формирањето на Владата и патувањето во Брисел минатата недела, Мицкоски е сосема во право ако излезеше со ваква констатација. Затоа што, за изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ (Платформа 1198), гласаа околу половина милион избирачи, а во изборната програма во делот на ЕУ стоеше меѓу другото и вакво ветување:

Клучна стратегиска цел на идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ е Македонија да биде полноправна членка на Европската Унија….

Идната Влада силно ќе се залага за изнаоѓање на соодветно решение во прилог на реално придвижување на процесот на европска интеграција. Во насока на изнаоѓање на излезно решение по однос на прашањето за уставните измени, кое веќе е поставено како услов за почеток на преговорите со ЕУ, ВМРО-ДПМНЕ нуди легални и легитимни алтернативи во согласност со меѓународното право и принципи…

…Одложената примена на уставните измени претставува валидна алтернатива, која е целосно во согласност со досегашната практика на сите држави, кои пред самиот чин на нивно пристапување во полноправно членство вообичаено ги прават неопходните или условени уставни измени, или во таа фаза истите влегуваат во сила. (Платформа 1198, стр 152).

Дотука, е сè во ред. Мицкоски пред изборите ветил дека ќе се заложи за откочување на процесот за преговарање со ЕУ преку барање алтернативи, меѓу другото и со одложено дејство на уставните амандмани. Но, бидејќи во Платформата нема наведено што понатаму ако барањето алтернативни решенија не успее, а бидејќи во првата реченица е наведено дека клучна стратегиска цел на идната влада ќе биде земјата да стане полноправна членка на ЕУ, тука веќе престанува моментот на повикување на „огромното мнозинство“, во случајот гласачите што гласале за ВМРО-ДПМНЕ на последните избори или пак, впечатоци од анкети.

Патот за Брисел и фрустрацијата на народот

Премиерот минатата недела престојуваше во Брисел на состанок со Европска комисија, каде што главната цел на состанокот беше претставување на Планот за развој, односно планот на македонската влада за исполнување на критериумите за добивање поволни кредити и грантови од ЕУ за развој на Западен Балкан.

Запрашан пред да замине во Брисел, дали ќе побара менување на Преговарачаката рамка за пристапните преговори Мицкоски не коментираше, а на прашањето што ќе им каже на функционерите од ЕУ, Мицкоски рече дека, „доколку стане збор за евроинтегративниот процес“, ќе им ја пренесе фрустрацијата на македонскиот народ и граѓаните од долгиот процес на пристапување и понижувачките услови што притоа земјата и народот ги трпеле (Канал 5/Јутјуб,18.09.2024).

Немаше изјави по средбите околу тоа дали Мицкоски зборувал за барањето за одложено дејство на уставните амандмани за внесување на Бугарите во Уставот, како услов за преговори. Немаше ни вести, ниту изјави за тоа што му одговориле евентуално оттаму. Ниту имаше вести или изјави дека ќе биде донесена одлука, нецели десет дена оттогаш, Албанија да се оддели од С. Македонија во преговарачкиот процес. Сега кога беше запрашан за тоа, Мицкоски вели дека знаел, му најавиле и таму во Брисел.

Недостасуваат формални одлуки и процедура

Не само што знаел и му најавиле, туку и таму им рекол – дајте да разговараме, не со диктати, ние сакаме во ЕУ и подготвени сме да разговараме. И доколку од оваа преговарачка рамка и од оваа ситуација нема отстапување, ја смета за диктат и во тој случај: Не благодарам. („За мене ова е диктат, ако е ова условот за Македонија да продолжи да преговара тогаш тоа го кажав и во Брисел – не благодарам, тоа не се европските вредности во кои мојата генерација се вљуби…“).

Според ова, Мицкоски, всушност им соопштил на ЕУ дека С. Македонија нема намера да ги продолжи напорите за откочување на преговорите (нема да менуваме Устав), доколку ЕУ не отстапи од условот прво менување на Уставот, па потоа преговори.

Станува збор за клучна одлука во надворешно-политичките односи на С. Македонија, за која секако треба да се следи и одредена процедура. Да се предложи од, да речеме МНР, па да се расправа во потесен круг на високи функционери во Владата, се разбира претставени и од коалициските партнери, па да се направи консултација и со претседателката на државата, па да се стави на дневен ред на седница на Влада и да се донесе соодветна одлука. Потоа, освен тоа што за одлуката ќе се информира ЕУ, информација за таквата одлука да се достави и до Собранието, па во најмала рака Собранието да ја провери волјата на огромното мнозинство на тој начин што ќе ја прифати, ќе ја отфрли или нема да преземе ништо, итн.

Ова е така затоа што и прифаќањето на сегашната Преговарачка рамка одеше со одлука на државниот врв и на тогашната влада, а потоа за истата беше доставена информација од Собранието кое расправаше во јули 2022 година и со мнозинство гласови беше усвоена, при што на тогашната влада ѝ беа дадени и одредени насоки преку усвоени заклучоци.

Во овој случај немаме ништо од таа процедура или барем јавноста не е информирана дека на некое тело е донесена одлука за да ѝ се каже на ЕУ: под овие услови НЕ благодарам.

Патем, за да се донесе таква крупна политичка одлука за надворешната политика на државата, што, сè разбира, е легитимна одлука на Владата, убаво е да се провери и уште еднаш меѓу граѓаните, при што најмалку во Собранието (пратениците ги претставуваат граѓаните), а уште подемократско средство е и на референдум.

Бидејќи тоа го нема во овој случај, а ако еден од главните аргументи е и „впечатокот за огромниот број македонските граѓани“, таквиот аргумент во исказот е спин.

***

Се разбира дека процесот на европската интеграција на македонската држава е преполн со разочарувања, понижувања, двојни стандарди, итн, но клучната стратегиска насока (членство во ЕУ), е преточена во 2022 година во одлука да се прифати Преговарачката рамка, која предвидува и промена на Уставот како услов. Еве и да била „најпогрешна на светот“, без консултација со опозицијата и народот, Владата има право да донесе одлука да не ја почитува или да бара да се смени таквата одлука, но треба да се почитува одредена процедура, која ќе кореспондира и со стратешката насока (членство во ЕУ), или пак, и таа ќе биде преиспитувана (?). Без тоа, дел од аргументите се спинови. Таков е и овој за „впечатокот на народот“, таков е и за билатерализацијата на рамката (бидејќи Членот 5 произлегува од Процесот за стабилизација и асоцијација на Западен Балкан) и бидејќи, да речеме, и Србија има такви услови, потоа барањето гаранции, како и немањето одговор за тоа зошто го почитуваме едниот Договор, оној со Грција, а не го сакаме овој вториот со Бугарија (зарем ќе ги степенуваме од аспект на понижување условите во двата?), итн.

Пишува: Теофил Блажевски

Преземено од МЕТА

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново