Неофицијално е приведен Стефан Богоев, ОЈО ГОКК потврди акција за корупција

Управата за финансиска полиција, под координација на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, денеска спроведува акција поради постоење основано сомнение за кривични дела од коруптивна природа.

Од ОЈО ГОКК за Рацин.мк потврдуваат дека акцијата е во тек и дека во оваа фаза не можат да се споделат повеќе детали.

„Можам да потврдам дека под координација на ОЈО ГОКК, Управа за финансиска полиција спроведува акција поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела од коруптивна природа. Акцијата уште трае. Како што знаете, додека се постапува не може да се споделат повеќе детали“, велат извори од ОЈО ГОКК за Рацин.мк.

Дел од медиумите објавија дека меѓу лицата опфатени со акцијата е и поранешниот директор на Царинската управа, Стефан Богоев, поранешен потпретседател на СДСМ и поранешен градоначалник на Општина Карпош. Според тие објави, сомнежите се поврзани со наводни злоупотреби околу тендерска постапка.

Официјалните институции засега не соопштуваат имиња, ниту детали за бројот на лицата опфатени со акцијата, конкретните кривични дела или институциите и постапките што се предмет на проверка. Додека трае постапувањето, случајот останува во фаза во која надлежните органи собираат и обезбедуваат докази.

Од Финансиската полиција и Обвинителството се очекуваат дополнителни информации по завршувањето на акцијата. До тогаш, официјално потврдено е само дека се постапува во предмет за сомнежи од коруптивна природа, под координација на ОЈО ГОКК.

Најчитано