[видео] Невреме во Хрватска: земјата се разбуди со поплави и црвен аларм

Photo Credit: Sinisha Kalajdzija

Невреме во Хрватска ја погоди земјата во неделата попладне и вечерта, оставајќи зад себе поплавени улици и подруми, паднати дрвја, град и сериозни предупредувања за опасен ветер. Најкритично беше на северот, особено во Вараждинската жупанија, додека Државниот хидрометеоролошки завод издаде црвен метеоаларм за осјечката регија поради можни оркански удари на ветер над 90 километри на час.

Според хрватските медиуми, невремето прво удрило на северот на земјата, каде во делови од Вараждинската жупанија паднале град и обилен дожд. На кнегинечкото подрачје градот, според извештаите, паѓал околу десет минути, а поројниот дожд предизвикал поплави на сообраќајници и во подруми.

Вараждинските пожарникари до 18 часот примиле околу 40 пријави за поплавени патишта и подруми. Освен испумпување вода, интервенирале и за отстранување паднати дрвја од патиштата. Во Пака кај Нови Мароф, дрво паднало врз автомобил.

Проблеми имало и во Вараждинске Топлице, каде што бил поплавен објект, а снимките што ги објавија хрватските медиуми покажуваат вода во ходници и внатрешни простории. Засега нема прецизна проценка на материјалната штета.

Додека северот веќе се справуваше со последиците, DHMZ го крена предупредувањето за осјечката регија на највисоко, црвено ниво. Причината е очекуваното нагло вртење на ветерот од југозападен кон силен и олуен северен ветер, со можни оркански удари во Подунавјето.

На сила беше и портокалово предупредување за грмотевично невреме во осјечката и загрепската регија, со можни силен ветер, град, обилен дожд за кратко време и локални поројни поплави. За граѓаните, предупредувањето значеше ризик од искорнати дрвја, скршени гранки, летечки предмети, прекин во сообраќајот и можни проблеми со снабдувањето со електрична енергија.

За утрово, хрватските метеоролози најавуваат дека во внатрешноста времето ќе остане променливо и претежно облачно, повремено со дожд и грмежи, особено на северот и во централните делови. Во текот на денот се очекуваат повеќе сончеви периоди, додека во Далмација времето треба да биде претежно сончево.

ВИДЕО ОД ПОЛАВАТА ВО ХРВАТСКА

Најчитано