Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Од суштинска важност за демократијата е медиумите да бидат објективни, а институциите и граѓаните да соработуваат

„Во(н) фокусот на медиумите: Демократски институции, владеење на правото и реформи во јавната администрација“ е насловот на публикацијата на Институтот за медиуми и аналитика (ИМА) што авторите ја промовираа денеска во Скопје.

Публикацијата практично е извештај од од мониторинг врз медиумите на посочените теми, а на промоцијата излагања имаа амбасадорката на Швајцарија, Вероник Хулман, заменичката на претседателот на македонската влада Славица Грковска, директорот на Македонскиот центар за меѓународна соработка, Александар Кржаловски, директорката на институтот за општествени и хуманистички науки д-р Катерина Колозова и раководителот на истражувања во ИМА, Жарко Трајановски.

Хулман: Институциите и граѓаните да соработуваат

„Кога зборуваме за луѓе тоа секогаш подразбира дека постојано ќе има различни мислења и токму во таквите ситуации лежи клучот на демократијата“, рече во поздравниот збор амбасадорката на Швајцарија, Вероник Хулман.

Таа додаде дека од суштинска важност е да се има дијалог, да се разговара за секакви теми и притоа за сите недоразбирања да се бараат компромиси и дека тоа е основа на демократијата што треба да се негува и во Република Северна Македонија. Во таа насока посебно важна е улогата и на невладиниот сектор, посебно во креирање инклузивни политики, рече Хулман.

Грковска: Медиумите да бидат брана за лажните вести, дезинформациите и пропагандите

Заменичката на премиерот на владата на Република Северна Македонија за добро владеење Славица Грковска потенцираше дека лажните вести, разните дезинформации и пропагандите се почесто пробиваат во јавноста за сметка на фактите и тоа е поле на кое мора да се работи одговорно, посебно во образованието, во медиумите и, секако, и во политиката.

„Хибридните закани и говорот на омраза, рече Грковска, исто така, се посебен проблем. Најсвеж пример се многуте шпекулации во широката јавност со најновите настани во Газа како и претходно и се уште со агресијата врз Украина и затоа многу се важни образовните процеси посебно во делот на таканаречените „меки вештини“ со цело ви напливот од информации полесно да се препознаваат фактите“.

Грковска зборуваше и за важноста од однесувањето на политичарите кои, како што рече, мора да се држат до етичките стандарди, медиумите да настојуваат да бидат објективни, да бидат брана за лажните вести, дезинформациите и пропагандите, а политичарите, посебно лидерите на партиите, да развиваат чувство на одговорност за најважните државни прашања за кои е нужен консензус.

Кржаловски: Медиумите да не ги форсираат партиските бламажи

„Не само што не сме отпорни на манипулациите туку дури и медиумите се тие што често ги поттикнуваат и затоа голема е одговорноста на уредувачките политики. Тие не би требало, како што има појави, по секоја цена да форсираат партиски содржини во кои, освен меѓупартиски бламажи нема ништо суштинско ниту за државата ниту за граѓаните“, рече директорот на Македонскиот центар за меѓународна соработка, Александар Кржаловски.

Тој ја потенцираше и важноста на невладините организации во развојот на демократијата кои и покрај различните гледишта по многу клучни општествени теми и состојби во државата, заедно со медиумите се клучот за контрола врз државните институции, додаде Кржаловски.

Колозова: Клучот е и во подготвеноста најавната администрација

„За интегративниот ЕУ пат на земјава се најважни поглавјата што го опфаќаат правото, но клучот е сепак во јавната администрација, во нејзината подготвеност да одговори на сите предизвици за имплементација на обврските кои во сите сегменти ќе произлезат од преговорите со Унијата и тоа како во институциите така и во општеството воопшто“, рече директорката на институтот за општествени и хуманистички науки, д-р Катерина Колозова.

Новата методологија е секторска, практично тргнува од јавната администрација и како посебен демократски импут се движи во текот на целиот интегративен процес и ова мора да се сфати сериозно и многу суштински, порача таа.

Трајановски: Нужна е медиумска деполитизација на јавниот дискурс

Раководителот на истражувања во ИМА, Жарко Трајановски, ги елаборираше темите предмет на публикацијата „Вон фокусот на медиумите“ појаснувајќи дека таа содржи бројни цитати, поенти и елаборации до кои интегрално може да се дојде и преку линкови содржани во документот.

„Од овој мониторинг врз информативните медиуми содржини би можеле да извлечеме заклучок дека медиумите во земјава би требало многу повеќе да се фокусираат на деполитизација на јавниот дискурс кој сега, покажа мониторингот, е предоминантен“, рече Трајановски.

Публикацијата „Во(н) фокусот на медиумите: Демократски институции, владеење на правото и реформи во јавната администрација“ што ја промовираше Институтот за медиуми и аналитика и која практично е мониторинг врз актуелните информативни содржини во медиумите во Република Северна Македонија, на шеесетина страници регистрира околу триста тематски цитати проследени со линкови до интегралните содржини.

ЦИВИЛ Медиа

Треба да знаете
Moже да ве интересира