Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Орданоски: Долг е колбасот на Орбан*

Рацин.мк ја објавува колумната „Долг е колбасот на Орбан“, која првично е објавена во 2018 година во серијата „Добро утро со Орданоски“ на Цивил Медија. Колумната е ретроспектива на „сите вмешаноста на Унгарија во последните години кај нас“, напиша тогаш Орданоски. По извесната пауза во претходните 7 години, сега кога ВМРО-ДПМНЕ е повторно на власт, Унгарија на Орбан се врати во Македонија и затоа колумната на Орданоски е исклучително актуелна.

Пишува: Сашо Орданоски

Деновиве сè некако се врткам, се трткам и никако не можам да се изначудам на дрскоста со која Унгарија и Орбан, на така отворен и провокативен начин, ни се замешаа во внатрешната политика, и тоа во таков чувствителен момент и за такви теми кои за Македонија имаат, без претерување, историско значење, бидејќи ја тангираат не само политичката, туку и безбедносната стабилност на државата.

А, всушност, можеби од големото дрво пред нас – оваа импресивна унгарска „цепаница“ од Орбан – не можеме да ја видиме шумата која со години се листа и митари во македонската политика, без да ѝ фатиме смисла и континуитет кои се толку очигледни, што тешко се гледаат?!

Имено, еве, просто да набројам, во што сè е вмешана Унгарија во последните дваесетина години кај нас…

Прво на ум ми паѓа мега-скандалот со оперирањето на Маѓар Телеком во Македонија (таа невина „испружена рака“ за собирање стотици милиони евра профит од македонските граѓани) кој сè уште се одмотува пред американските судови, со здружено учество на разно-разни овдешни македонски и албански филијали во таа коруптивна афера врз која, да ве потсетам, СЈО неодамна соопшти дека воспоставила правна надлежност.

Некако во континуитет со тоа, следуваше аферата „Аналитико АИ“ од 2006 година, кога на само неколку месеци пред да победи на изборите, во кадровскиот премиум-список на раководството на ВМРО-ДПМНЕ се слеале повеќе од сто илјади евра за непозната („маркетинг и консултантски услуги“), но предвидлива намена. Сите од тој список ќе станат врвни функционери на македонската држава, на чело со актуелнава побегуља… Патем, вреди да се потсети дека токму Груевски во 2001 година, како тогашен министер за финансии, ја потпиша продажбата на Македонски Телеком на Маѓар Телеком.

Во 2011 година, токму на пат за Будимпешта, беше фатено едно пластично шише со 750.000 евра во него, за кое никогаш точно не се утврди чие е и каде завршија тие пари…

Потоа следуваше уште еден голем скандал, една каша-попара од шпионска афера со апсење и осуда на дваесетина луѓе во 2013 година, колку што беа опфатени со обвинителниот акт за случајот „Шпион“. Одговараа за 12 обвиненија, од шпионажа, до оддавање државна тајна и злосторничко здружување. Практично, еден импресивен каталог на (наводни и стварни) дејствија, кои се одвивале од 2009 година натаму, за кои, со мирна душа, можете веднаш да ги прекинете односите со државата (Унгарија) за која дел од овие осуденици работеле…

Но, наместо да ги проблематизираме односите со Унгарија, дојде до неочекуван пресврт: Ѓорѓе Иванов реши на убер-лидерот на „Орбанистан“, кого во Европа го нарекуваат „Виктатор“, во декември 2013 година да му го додели највисокото државно одличје на Република Македонија, орденот „8 Септември“, „за исклучителни заслуги за развивање и зацврстување на пријателските односи и мирољубива рамноправна соработка меѓу Македонија и Унгарија, како и за афирмирање и јакнење на меѓународната положба и углед на Република Македонија“ (?!?!)… Во таа прилика, Орбан, со обесениот медал на вратот „за јакнење на угледот на РМ“, во Македонија го прими и Трајко Вељановски, тогашниот претседател на Македонското собрание, а сегашниот многу осомничен припадник во терористичкиот обид за државен удар од 27 април минатата година.

Како во холивудски шпионски трилер од А продукција! Орбан би го глумел Брус Вилис, Иванов некој од браќата Маркс, а Вељановски би учествувал како натуршчик, како сега во судењава.

Потоа од „бомбите“ откривме дека набавката на опремата за прислушување одела преку сметки во банки во Будимпешта…

Па, откривме дека двајцата пребегани во Грција, агенти на УБК, клучни во мега-скандалот со прислушувањето, беа уапсени на Солунскиот аеродром со фалсификувани пасоши и авионски карти во џебовите за пребег во – погаѓате? – Будимпешта…

Па, неодамна ни беше соопштено дека десетина македонски медиуми, сите под цврста партиска контрола на ВМРО-ДПМНЕ, ги смениле сопствениците и се купени, наводно, со пари од Унгарци, со седиште во Будимпешта…

Па, следуваа патувања и средби на Христијан Мицкоски со Орбан во Будимпешта (додуша, и во Белград)…

За на крајот, се разбира, „на гради“ да го дочекаме овој огромен скандал со дипломатско-разузнавачката организација на Унгарија за пребег на осуденикот Груевски-серекеш (феноменално!) низ половина Балкан, најверојатно со користење на комбиниран автомобилско-авионски превоз на туристичката агенција „Маѓар секјурити травел“…

Да не е малку многу од земја која нема ни море?

Унгарија, очигледно, низа години „до гуша“, како во некаква месара за производство на колбаси, е заглавена со своите разузнавачки и криминални операции во Македонија. Не би ме зачудило илјадници копии од прислушуваните разговори во Македонија да се и во нивен посед (Маѓар Телеком, де), како што е, очигледно, контролата врз партиските црни финансиски операции и црната пропаганда на нашата опозиција под контрола на Будимпешта. Се работи за комплексна офанзивна (што е еуфемизам за: непријателска) операција на Унгарија против Македонија за која со години молчат (и соработуваат?) Агенцијата за разузнување под контрола на Иванов и Управата за безбедност и контраразузнување под контрола на Мијалков/Груевски.

Конечно, дали Орбан континуирано ја разорува стабилноста и безбедноста на Македонија само за унгарските и своите лични, диктаторски интереси? Или е прокси-играч за една, две, три… страни?

Затоа, оваа работа со бегството на Груевски – во која сите се забавуваме како и кога во стилот на ко-то-тамо-пева минал некоја граница – треба под итно да почне да се расчистува во Скопје и тоа во полна соработка со властите на Мијалков, Јанкуловска, Јанакиески, Мицкоски, Иванов и нивните провокатори, извршители и посредници, како и сегашната раководна структура од СДСМ и ДУИ, бидејќи и Али Ахмети е еден од „крунските“ соучесници во делата на Груевски (и) со Унгарците.

Тоа е мерката за патриотизам низ која треба да бидат вреднувани сите, а тоа е важен дел и од платформата за помирување што сега силно се заговара. Без тоа, помирувањето ќе биде само уште едно политикантско замачкување на „шофершајбната“ на Македонија на пат кон ЕУ и НАТО. До следната провокација од Будимпешта.

Долг е унгарскиот колбас што со години ни се влече низ Македонија. А да го испечевме на скара?

*Рацин.мк им благодари на Сашо Орданоски и на Цивил Медија што ни дозволија да ја објавиме колумната

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново