Пациентите велат нема терапија, Онкологија тврди лековите пристигнуваат

Онкологија
Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија во Скопје. Фото: Фисник Џелили/Порталб.мк

Пациенти болни од рак денес, симболично ќе протестираат пред Министерството за здравство поради повторниот недостиг на терапија на Клиниката за радиотерапија и онкологија во Скопје.

Поради високите температури, на протестот се очекува да присуствуваат само неколку пациентки, кои ќе побараат да прекинат честите проблеми во снабдувањето со лекови. За недостигот од терапија деновиве јавно реагираа и повеќе онколошки пациенти на социјалните мрежи.

Од Клиниката за онкологија соопштија дека кај мал дел од лековите од позитивната листа било регистрирано краткотрајно доцнење во испораката.

Како причини ги наведуваат зголемената потрошувачка, поголемиот број пациенти, периодот меѓу две постапки за јавна набавка и недостигот на дел од препаратите кај дистрибутерите.

„Најголемиот дел од потребните препарати веќе се обезбедени и доставени на Клиниката, додека преостанатите количини се очекува да бидат достапни во текот на оваа недела“, соопштија од установата.

Од Клиниката тврдат дека во ниту еден момент не бил доведен во прашање континуитетот на лекувањето, ниту квалитетот на здравствената грижа за пациентите.

Пациентите, пак, со утрешниот протест повторно ќе укажат дека прекините во достапноста на терапијата создаваат неизвесност кај лицата што се лекуваат од малигни заболувања.

Најчитано