Унгарија влегува во критичен период за снабдувањето со електрична енергија поради рекордно нискиот водостој на Дунав, кој го доведе единствениот нуклеарен комплекс во земјата, „Пакш“, на работ на целосно запирање.
Иако првичните информации објавени утрово наведуваа дека нуклеарната централа е целосно исклучена, најновите податоци покажуваат дека последниот активен блок продолжува да работи со моќност од 240 мегавати. Тоа е нешто повеќе од 10 проценти од вкупниот капацитет на централата од 2.000 мегавати.
Премиерот Петер Маѓар соопшти дека последната турбина би можела да остане активна денеска, а можеби и во вторник. Целосното исклучување, сепак, и натаму се очекува во текот на неделата, бидејќи водостојот на Дунав продолжува да се намалува.
Кај водозафатот на централата е измерено ниво од 83,68 метри според балтичката висинска основа, само пет сантиметри над границата од 83,63 метри, на која треба да почне исклучувањето на последниот блок. По запирањето на останатите турбини се намалила потребата од вода, што овозможило последната единица привремено да продолжи со работа.
„Пакш“ во нормални услови произведува околу половина од електричната енергија во Унгарија. Нејзиното сведување на десетина од капацитетот веќе значи губење на најголемиот дел од домашното нуклеарно производство, но не и дека земјата останала без 40 или 50 проценти од вкупната струја, бидејќи недостигот се надоместува со други електрани, увоз и намалена потрошувачка.
Унгарската влада побара од домаќинствата, компаниите и јавните институции да ја намалат потрошувачката, особено од 17 до 22 часот. Граѓаните се повикани перењето, полнењето електрични автомобили и користењето други големи потрошувачи да го одложат за периодите кога мрежата е помалку оптоварена.
Доброволното штедење во неделата ја намалило потрошувачката за околу 700 мегавати, што одговара на производството на приближно еден и половина реактор во „Пакш“. Повеќе големи компании најавиле дополнително намалување на потрошувачката, додека Унгарија ќе мора повеќе да се потпира на увоз на струја.
Обновен блок во термоелектраната „Дунамeнти“ повторно обезбедува околу 380 мегавати, а владата подготви можност за задолжително ограничување на потрошувачката кај големите индустриски капацитети. Засега снабдувањето е стабилно и нема рестрикции за домаќинствата.
Надлежните нагласуваат дека евентуалното исклучување на централата би било контролирана техничка постапка и не претставува закана за нуклеарната безбедност. Вода, пумпи и персонал за безбедно ладење на запрените реактори има доволно.
Најголемиот притисок врз електроенергетскиот систем се очекува во следните пет дена, кога температурите во Унгарија може да достигнат околу 40 степени, а побарувачката за струја дополнително да порасне поради користењето клима-уреди.
