„Патувачкото кино“ на Општина Центар започна со проекции под отворено небо во Капиштец и кај ООУ „Кочо Рацин“, каде што деца и семејства ја проследија проекцијата на македонскиот детски филм „Мали промени – големи разлики“.
Настанот привлече посетители од центарските маала, а просторот во паркот во Капиштец и околината на училиштето беа искористени како отворени кино-сцени за најмладите. Иницијативата има цел да понуди културна и едукативна содржина за деца надвор од затворените простори, во средина што поттикнува дружење и заедничко поминување време.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, оцени дека ваквите активности ги претвораат јавните простори во места за детска игра, култура и заедништво.
„Навистина ми е драго кога гледам дека нашите паркови стануваат места каде децата се дружат, се смеат и создаваат убави спомени, а воедно преку филмот учат за добро однесување и вистинските вредности. Успеавме на најмладите да им понудиме нова, квалитетна содржина што ќе ги поттикне да излезат од дома и да поминуваат време со другарите“, порача Герасимовски.
„Патувачкото кино“ продолжува и вечерва со нови проекции на две локации во Центар. Во 20:00 часот проекција ќе има на игралиштето на ООУ „Ј. Х. Песталоци“, а во 21:00 часот на „Плочник“ во Градски ѕид.
Проекциите ќе продолжат и во наредните денови низ центарските маала, како дел од програмата на Општина Центар за културни содржини на отворено наменети за најмладите жители.
