Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Пендаровски: Единствен начин на Давкова да не биде поразена на јавна дебата беше да режира „празно столче“

„После јавната бламажа на трите досегашни ТВ дуели, Гордана Силјановска Давкова сфати дека единствен начин да излезе како победник во тие јавни соочувања е да организира разговор со ‘празно столче’ во договор со јавниот сервис чии генерален директор со месеци е ангажиран во партиска кампања на ВМРО-ДПМНЕ“, напиша на социјалните мрежи претседателот Стево Пендаровски.

Тој нагласи дека термин за дебата на МТВ никогаш не бил договорен меѓу двата кандидати и дека последната потврдена дебата е договрена за понеделник, 6 мај на Канал 5.

„И покрај ниските морални и етички стандарди кои ги поставија до сега во кампањата, ова е ново дно кое ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Силјановска Давкова го достигнаа, што може да ги изненади само оние кои не го познаваат начинот на делување на ВМРО-ДПМНЕ и на нивната партиска кандидатка“, потенцира Пендаровски.

Инаку, кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова претходно објави фотографија дека вечерва на МТВ ќе дискутира со празно столче, бидејќи претседателот Пендаровски не се појавил на дебатата.

Сепак, како што тврди Пендаровски, договор за дебата на МТВ не ни постоел.

Зачлени се на нашиот е-билтен