Петти ден без одговор за Лепенец, загадувачот останува непознат

Пет дена откако бела пенлива материја се појави во реката Лепенец, а потоа преку вливот се прошири и во Вардар, јавноста сè уште нема одговор што било испуштено во водата, од каде потекнувало загадувањето и кој е одговорен. Лабораториските анализи не се објавени, изворот не е лоциран, а нема ниту информација дали е утврден потенцијалниот сторител.

Загадувањето беше забележано на 24 јули во реонот на Злокуќани, каде густата бела пена го прекри водотекот на Лепенец и беше видлива и по неговото влевање во Вардар. Истиот ден на терен излегоа инспекциските служби на Град Скопје и Државниот инспекторат за животна средина, додека ЈП „Водовод и канализација“ зеде примероци за лабораториско испитување. Во потрагата по изворот на загадувањето беше вклучен и дрон.

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, тогаш најави дека причинителот ќе биде откриен за кратко време и дека одговорните ќе бидат санкционирани. Тој тврдеше дека нема да има толеранција, независно од тоа кој стои зад испуштањето на непознатата материја. Пет дена подоцна, ниту причинителот е објавен, ниту е соопштено дали инспекциските контроли довеле до конкретен субјект.

Од Град Скопје за „Слободен печат“ одговориле дека анализите на примероците сè уште траат и дека јавноста ќе биде информирана откако ќе бидат добиени официјалните резултати. За утврдувањето на изворот на загадувањето, можните сторители, санкциите, последиците врз реката и евентуалните мерки за санација, градските власти упатиле на Министерството за животна средина и на Државниот инспекторат за животна средина.

Без конкретен одговор засега е и ЈП „Водовод и канализација“. Од претпријатието соопштиле дека Секторот за санитарна контрола зел примерок директно од Лепенец на 24 јули, но дека анализата сè уште не е завршена. Не е објавено кои параметри се испитуваат, кога точно ќе бидат готови резултатите и дали досегашните наоди укажуваат на индустриска, хемиска или друга материја.

Државниот инспекторат за животна средина извршил повеќе вонредни надзори во објекти во реонот на Ѓорче Петров. Земени биле примероци од отпадни води, кои се испитуваат во лабораторијата на „Водовод и канализација“ и во акредитираната лабораторија „Фуд лаб“, ангажирана од Министерството за животна средина. Извештаите од контролите и лабораториските испитувања сè уште не се готови.

Инспекторатот најавува дека целосна информација ќе објави дури откако ќе завршат сите надзори и ќе бидат изготвени извештаите. Оттаму наведуваат дека доколку бидат откриени сторители, санкциите ќе се определуваат според законите од областа на животната средина, Законот за прекршоци и Кривичниот законик. Засега, сепак, нема официјална потврда дека е утврдено од кој објект или испуст потекнувала белата материја.

Во меѓувреме, редовните анализи на водата за пиење покажуваат дека примероците од скопскиот водоснабдителен систем ги исполнуваат пропишаните стандарди. На 24 јули биле испитани 38 примероци, меѓу кои два од бунарскиот потег Нерези-Лепенец, а на 27 јули биле земени 39 примероци, меѓу кои еден од бунарскиот потег Лепенец. Според ЈП „Водовод и канализација“, сите анализирани примероци од водоснабдителната мрежа биле исправни.

Овие податоци се однесуваат на безбедноста на водата за пиење во водоснабдителниот систем и не даваат одговор за составот на материјата што била испуштена директно во реката. За загадувањето на Лепенец сè уште нема јавно достапен лабораториски наод, проценка на последиците врз речниот екосистем, информација за потребна санација или утврден загадувач.

Најчитано