Денеска започна снимањето на новиот македонски игран филм „Голиот Рид“, – трилер со елементи на драма и хорор-фантазија.
Проектот се реализира во продукција на City Star Production, под режисерска палка на Игор Алексов — авторот на меѓународно признатиот филм „Лена и Владимир“, кој освои дури 96 награди и 46 номинации на престижни светски фестивали.
Сценарио е на авторите Гоце Цветановски и Алек Русјаков. Филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм, а се реализира во соработка со Božinovski watch and jewelry и во меѓународна копродукција со OnBros од Косово и Red Production од Србија.
„Голиот Рид“ е современ кинематографски трилер-драма со елементи на хорор-фантазија, кој ја брише линијата меѓу реалноста и имагинацијата. Приказната го следи враќањето на една мистериозна жена во нејзината родна куќа, по што ненадеен бран морничави смртни случаи меѓу локалната елита го принудува циничниот инспектор да открие застрашувачка тајна закопана цели 15 години.
Главната женска улога ја толкува Анастасија Ласовска, а во главните улоги настапуваат и интернационално етаблираните актери Тони Наумовски и Симеон Мони Дамевски, заедно со Зоран Љутков, Стефан Вујисиќ, Филип Трајковиќ, Даниела Иванoска, Адем Карага, Златко Митрески, Александар Микиќ, Гоце Андонов како и други популарни млади актери.
Снимањето на филмот ќе се одвива на неколку внимателно избрани локации во Скопје и неговата околина во следниот период, а премиерата за публиката и филмските фестивали се очекува во текот на следната година.
