Полицајци во спидо ќе патролираат во Виена

Почетокот на летната сезона во Виена донесе засилени контроли на градските базени, каде што во наредните месеци ќе има поголемо присуство на полиција, обезбедување и построги правила на однесување.

Властите во австриската престолнина одлучиле дополнително да ја зајакнат безбедноста на купалиштата по повеќе инциденти што во изминатите години ја вознемирија јавноста.

Проблемот со безбедноста на базените подолго време е тема на расправа во Виена, објавува австрискиот портал „Heute.at“. Особено внимание предизвика случајот од минатото лето на базенот Лаербергбад во округот Фаворитен, каде што, според медиумските информации, петмина мажи биле осомничени за сексуален напад врз малолетно девојче.

Токму ваквите случаи ги поттикнале градските власти да преземат дополнителни мерки за заштита на посетителите и за спречување нови инциденти во текот на летната сезона.

Градските служби ја продолжуваат блиската соработка со полицијата. Вработените и раководителите на базените ќе поминуваат дополнителни обуки, а околу купалиштата ќе бидат распоредени и униформирани полицајци и полициски службеници во цивилна облека.

Како и во претходните години, полицајците кои не се на должност ќе имаат право на бесплатен влез на базените доколку прифатат да интервенираат во случај на нарушување на редот или појава на проблем.

Виенските власти порачуваат дека нема да има толеранција за насилно, непристојно или опасно однесување. Градскиот советник задолжен за базените, Јирген Чернохорски, предупреди дека секој што нема да ги почитува правилата може да добие трајна забрана за влез на купалиштата.

Со новите мерки, Виена се обидува да ја задржи сликата на град со уредни и достапни јавни базени, но и да испрати јасна порака дека безбедноста на посетителите, особено на децата и младите, останува приоритет во текот на летната сезона.

Најчитано