Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Поповски: „Македонија“ не е тема во Бугарија, нашите политичари ја наметнуваат за да добијат поени дома

„Дали во Бугарија темата „Македонија“ е дел од предизборната реторика, или нашите политичари сакаат да ја наметнат во тамошниот политички дискурс за да добијат поени дома?“, прашува политичкиот аналитичар Љупчо Поповски во колумната за Дојче Веле на македонски објавена денеска.

Дали Александар Николоски уште мислеше дека зборува како опозиционер кога ги окаректиризира членовите на новиот технички кабинет на Бугарија како „политички маргиналци”, уште птрашува Поповски.

Според Поповски, за Софија приказната со Македонија изгледа завршена – таа само се повикува на усвоениот француски предлог и повторува дека обврските од него треба да се исполнат – овие ставови Софија ги пренесува преку Министерството за надворешни работи.

Поповски посочува дека Николоски како да ја презел реториката на заборавениот Красимир Каракачанов со ставот: „Секогаш кога во Бугарија ќе дојдат избори главна тема им е Македонија. Сега не сум ни сигурен кога им се изборите, толку се нефункционални што ни избори не можат да закажат. Ова им е седма или осма техничка влада и веќе не можат да најдат луѓе за неа. Така што, нека си ги средат прво работите дома. Немам намера сега да одговарам на луѓе кои ловат политички поени и се политички маргиналци во моментов, бидејќи се претставници кои немаат легитимитет од никого”.

Премиерот Мицкоски вчера тоа го продолжи на сличен начин, но повнимателно: „Тамошните политичари ќе сторат сѐ за да нѐ внесат во нивната предизборна реторика и на тој начин да предизвикаат реакција од наша страна со која што ќе се обидат да нѐ портретираат кај нашите пријатели во меѓународната заедница дека ние сме тие палавите, дека ние сме тие лошите, дека тие се добрите и дека на тој начин практично ние создаваме кавга, немир”.

Но вистината не е баш таква, укажува Поповски. Во колумната тој посочува дека „споменувањето на прашањето „Македонија” е на маргините, дури и подалеку од нив во сегашната политичка ситуација во Бугарија.

Бугарија, вели Поповски, има други проблеми последниве месеци. Најголемиот од нив е како врвната политика да се ослободи од олигархот Дељан Пеевски, санкциониран од САД, кој ја презеде партијата на Турците, ДПС. И кој во комплот со Бојко Борисов се обидува и успева да ги контролира полициските и судските структури. Пред некој ден приврзениците на почесниот претседател на ДПС, Ахмет Доган, го исфрлија од претседателското место во партијата и го исклучија од неа. Тоа е вистинската и најголемата приказна во бугарската политика последнава година. Тоа е битка за иднината на државата.

Поповски вели дека „за Софија приказната со Македонија изгледа завршена – таа само се повикува на усвоениот француски предлог и повторува дека обврските од него треба да се исполнат. Овие ставови Софија ги пренесува преку Министерството за надворешни работи. Политичарите од партиите и од владата имаат други грижи. Македонија се споменува само во инцидентни случаи. Така што повеќе изгледа дека новата македонска владејачка гарнитура сака да го наметне проблемот во бугарското предизборие, отколку што со тоа се занимаваат тамошните политичари, заклучува Поповски.

„Нова влада носи нова политика, а во одредени сегменти новите министри треба да бидат поумешни кога кажуваат нешто за коешто мислат дека ќе добијат аплаузи дома. А, во основа, изгледа дека тие се осамените маргиналци“, истакнува Љупчо Поповски во колумната за Дојче Веле на македонски.

Тој во колумната се осврнува и на прашањата што се отворија за Коридорот 8, за промените во заедничката историско-образовна комисија, како и за други прашања за односите со Бугарија.

Целата колумна е на овој линк.

Најново