По три дена борба со огнот, пожарот кај Раец е целосно изгаснат

Пожарот што изминатите три дена беснееше во атарот на кавадаречкото село Раец е целосно изгаснат. Веста ја соопшти градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, кој преку објава на социјалните мрежи им се заблагодари на сите што учествуваа во справувањето со огнената стихија. 

Јанчев истакна дека во овие тешки денови повторно се покажале солидарноста, пожртвуваноста и заедничката акција на институциите и граѓаните. Благодарност упати до противпожарните единици од Кавадарци и Неготино, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, Министерството за внатрешни работи, Армијата, ЈП „Комуналец“, Шумското стопанство „Бор“, Општата болница во Кавадарци, доброволните противпожарни друштва, како и до жителите на селата Раец и Дреново. 

Претходно во текот на денот од Центарот за управување со кризи информираа дека пожарот кај селата Раец, Ќесендре и Дреново е ставен под контрола и дека се работи на негово целосно гаснење. До 18 часот во државата биле регистрирани 14 пожари на отворен простор, од кои еден активен, четири под контрола и девет изгаснати. 

Според директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, пожарот во Кавадаречко бил еден од најтешките во изминатите денови поради непристапниот терен и неповолните временски услови. Во неговото гаснење биле ангажирани три „ертрактори“, полициски и армиски хеликоптер, како и голем број екипи на терен. 

Надлежните и понатаму апелираат на внимателност, бидејќи високите температури и сувата вегетација значително го зголемуваат ризикот од појава и брзо ширење на пожари.

Најчитано