Сладолед на Јадранот ова лето повторно ја отвори темата за скапите туристички дестинации во Хрватска, откако цените за една топка во дел од популарните места достигнуваат ниво што за многумина во регионот веќе не личи на обично летно освежување, туку на мал луксуз.
Во пресрет на сезоната, цените покажуваат дека сладоледот одамна не е ситен трошок на одмор. Во зависност од градот, локацијата и типот на слаткарницата, една топка најчесто се движи меѓу 2 и 3,5 евра, но во ексклузивните слаткарници и со посебни додатоци цената може да стигне и до 10 евра.
Во континенталниот дел на Хрватска цените се нешто пониски. Во Осиек, топка сладолед може да се најде за околу 1,5 евро, но на поатрактивни локации во центарот достигнува и 2,5 евра. Во Вараждин цените најчесто се движат меѓу 1,6 и 2 евра.
Загреб веќе влегува во поскапата зона. Во поширокиот центар и во традиционалните слаткарници една топка чини околу 2,3 евра, додека во популарните локали во центарот цената оди од 2,5 до 3,5 евра. Во поскапите слаткарници, порција сладолед со посебни вкусови и додатоци може да чини колку цел оброк во Македонија.
На Јадранот цените се уште повисоки. Во Сплит топка сладолед најчесто чини меѓу 2,5 и 3,5 евра, а во премиум барови порцијата може да достигне околу 4 евра. Во Риека, на Корзо, цените се движат меѓу 2 и 2,5 евра, но во блиската Опатија една топка лесно оди над 3 евра.
Во Ровињ, особено во центарот, топка сладолед чини меѓу 3 и 4 евра, а премиум вкусовите можат да бидат уште поскапи. Во Пула цените најчесто се движат од 2 до 3 евра, додека во Макарска просекот е меѓу 2,5 и 3 евра.
Дубровник и Хвар остануваат меѓу најскапите дестинации, каде сладоледот се продава од 2 до 4 евра. За туристите со подлабок џеб тоа можеби е очекуван сезонски трошок, но за посетителите од регионот ваквите цени сè повеќе стануваат причина за пресметка пред секое нарачување.
