На сцената на Битеф Театар во Белград вечер ќе биде изведена претставата „Нора – Куќа за кукли“ по текстот на Хенрик Ибзен а во режија на Теодора Силјаноска. Претставата е дел од годинешната селекција на БИТЕФ Театар за „Месецот на независна сцена“.
Оваа претстава е првата во продукција на Интернационалниот Театарски Фестивал – ИНТЕФ од Србија, и е создадена како прва претстава во продукција на фестивалот во соработка со наградените учесници на претходните фестивали од Србија и Северна Македонија.
-Целта на овој проект беше да се соберат млади уметници од регионот како прв чекор кон понатамошна соработка и културна размена, а гостувањето и гостопримството на млади уметници на таква сцена, како што е Битеф, е од огромно значење за нас, но секако и одговорност. Радосни сме што нашиот труд е препознаен, велат од тимот на претставата.
Претставата ја обработува темата на индивидуалноста, нејзината цена и нејзината убавина и тага. Исто така, говори за големата безљубовна состојба и вината како една од главните теми на драмата. Вината има моќ да го наруши мирот на секој човек, а ако мирот е голема среќа на
животот, тогаш овие ликови се несреќни. Гревот го носат на грб, во џебовите и куферите.
Овој драмски текст се занимава со разбирање на другите и емпатија, преку комплицирани човечки односи, но и потрага по лична слобода како еквивалент на потрагата по среќа. Атрактивноста на овој текст секако е присутна и денес, бидејќи силно зборува за жената и нејзиното место во општеството.
Во претставата играат македонските актери Марија Кондовска и Ане Блажовски, заедно со колегите од Србија Оливера Гуцониќ, Душан Симиќ, Танасије Цакиќ, Вања Павловиќ, Ивана Јокиќ.
Драматизација, музичкиот избор и режијата е на Теодора Силјаноска. Костимите се на Вања Вујановиќ, сценографијата на Наталија Матракоска, а изработка на сценографија на Филип Рајковиќ. Соработник за сценски движења е Александра Вељковиќ.