Претставата „Собирачи на пердуви“ во режија на Дејан Пројковски, a во продукција на Српско Народно Позориште од Нови Сад, ја освои првата награда на реномираниот Фестивал „Театар во тврдината“ во Смедерево. На овој традиционален фестивал кој се одржува веќе 11 години, публиката ги оценува претставите.
– Во сериозна конкуренција имаше пет претстави, а највисоката оценка (4,81) на годинешниот фестивал, на кој публиката имаше можност да ги искаже своите впечатоци од претставите што ги гледаше, со рејтинг и гласање, ја доби претставата „Собирачи на пердуви“ во продукција на Српскиот народен театар од Нови Сад, во режија на Дејан Пројковски, се вели во официјалното соопштение на Фестивалот.
Премиерата на претставата „Собирачи на пердуви“ се одржа во ноември минатата година во Нови Сад и важи за една од најголемите продукции во регионот, за која се бара карта повеќе.
„Собирачи на пердуви“ е по текст на Александар Петровиќ, по кој е снимен истоимениот култнен филм, добитник на Гран при на канскиот фестивал во 1967 година. Драматургијата и адаптацијата ја потпишува Сашо Димовски, сценограф е Валентин Светозарев, а композитор е Оливер Јосифовски, кој музуката ја изведува во живо со извонреден оркестар на сцена. Во претставата играат 30 актери од СНП, меѓу кои и Марко Савиќ, Марта Береш, Милан Ковачевиќ, Александар Гајин, Јована Балашевиќ и други.
– Повеќе од половина век подоцна, враќањето на „Собирачи на пердуви“ е враќање на реалноста на болката и радоста на слободата, убавината на френетичното живеење, автентичноста на животот, желбата и страста, смртта и еросот. Тоа е враќање на константа која, без разлика на промената на контекстот, останува иста. Нејзината суштина е отпорна на општествените промени и го претставува токму отпорот да се обликува во конвенциите на современиот свет: толку многу што создава свет доволен за себе. „Собирачи на пердуви“ е химна на слободата до која секогаш се доаѓа поради затворот пред сопствени очи, вели Пројковски.
На фестивалот во конкуренција беше и „Ричард III“ во режија на Пројковски, поставка на Новосадскиот театар, и истата се најде на второ место според освоените гласови од публиката.