Дваесет и петгодишен штипјанец е приведен откако бил затекнат како пали сува трева во атарот на селото Долни Балван, покрај магистралниот пат Штип – Кочани.
Според информациите од МВР, полициски службеници од СВР Штип вчера во 12:30 часот го лишиле од слобода Б.С. од Штип.
Тој бил затекнат околу 12 часот како пали сува трева помеѓу пат и нива, сопственост на 36-годишен штипјанец.
Во пожарот била опожарена сува трева и една бала детелина.
За настанот бил известен јавен обвинител, а по целосно расчистување и документирање на случајот против лицето ќе биде поднесена соодветна пријава.
Инцидентот доаѓа по два пожари што изминатите денови беа регистрирани во околината на Штип. Еден од нив избувна кај Плуждино, на патот кон градските гробишта, а друг на локацијата Кадидере, каде што беше повреден сопственик на викендичка.
