На 15 ноември (среда), во Културно-информативниот центар, со почеток од 19:19 часот, ќе се одржи промоција на новата книга од Ферид Мухиќ, „Бигор шарпланинецот“.
Овој роман во раскази, во издание на Издавачки центар ТРИ, е извонредна ода за пријателството, за нераскинливата поврзаност меѓу човекот и песот преку која се срочува филозофијата за меѓучовечките односи, за пријателството и воопшто за сеопштата поврзаност во природата.
Промоторка на книгата е Виолета Танчева-Златева, која ќе го води разговорот со авторот.
Според д-р Ана Димишковска, професорка на Филозофскиот факултет во Скопје, на кој проф. Мухиќ подготвуваше безброј студенти за влез во водите на филозофијата, оваа „трогателна сага“ е неверојатен прирачник за живеењето, навраќање кон вистинските вредности на животот. Мухиќ целосно маѓепсува со своите зборови, носејќи нè до едно друго ниво во нивната длабочина.
Филозоф и поет, научник и учител, Ферид Мухиќ има впечатлив опус со 52 објавени книги.