На 14 февруари (среда), во 19 часот, во „Литература.мк“ на улица „Македонија“, ќе се одржи промоција на романот „Девојката што ја наслика смртта“, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.
Настанот ќе се одржи во рамките на „Денови на литературата“, а учесници на промоцијата ќе бидат авторката Андреа Мирческа и уредничката Татјана Димовска-Атанасова.
„Девојката што ја наслика смртта“ е дебитантски роман на Андреа Мирческа. Станува збор за психолошки трилер со примеси на романса, мистерија и драма што според сите книжевни параметри е на ниво на актуелната светска продукција во овој жанр. Овој роман во исто време е и сериозна студија на карактери кои се прецизно, речиси хируршки, диференцирани, со сопствен глас и перспектива на настаните.
Мирческа, како што вели во предговорот на романот истакнатиот писател Венко Андоновски, суверено владее со модалитетите и со скриените мајсторски тајни на нарацијата. Сето тоа создава напнат и непредвидлив роман со кој Мирческа сериозно зачекорува на македонската книжевна сцена.