Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Распишан конкурс за наградите „Нов европски Баухаус“ за 2024 година 

 Европската комисија денеска распиша конкурс за наградите „Нов европски Баухаус“ (НЕБ) за 2024 година, на кој првпат оваа година, покрај од земјите членки на ЕУ и од Западен Балкан, ќе можат да аплицираат поединци и субјекти од Украина. 

Во тие рамки се воведува и награда насловена „Посебно признание за напорите за обнова и закрепнување на Украина“, а нов момент годинава е што фокусот ќе биде ставен на проекти и концепти од регионите на ЕУ кои се соочуваат со социо-економски предизвици поврзани со дигитална и зелена транзиција. 

Наградите „Нови европски Баухаус“ се доделуваат за иновативни проекти и концепти поврзани со одржливост, инклузивност, естетика и квалитетно искуство во четири категории „Повторно поврзување со природата“, „Обновување на чувството на припадност“, „Давање приоритет на местата и луѓето на кои тоа им е најпотребно“ и „Обликување на кружен индустриски екосистем и поддршка на размислување за животниот циклус“. Во секоја од четирите категории, за наградите ќе може да се аплицира за постоечки и завршени проекти со јасни и позитивни резултати или за нови концепти поднесени од млади таленти на возраст до 30 години или помлади во различни фази на развој, од идеи со јасен план до ниво на прототип. 

Наградите за 2024 година ќе бидат доделени на 20 избрани кандидати кои ќе добијат награди по 30.000 евра, како и комуникациски пакет кој ќе им помогне понатаму да ги развиваат и промовираат своите проекти и концепти. Лауреатите ќе бидат објавени за време на Новиот европски фестивал Баухаус, што ќе се одржи во Брисел од 17 до 21 април следната година. 

Рокот за поднесување на апликациите истекува на 10 ноември 2023 година во 19 часот по средноевропско време. Кандидатите кои ќе аплицираат на конкурсот мора да се по потекло од земјите од ЕУ, од Западниот Балкан или од Украина, на чии територии мора и да се спроведуваат  нивните концепти и проекти. 

Упатството за аплицирање е достапно на сите јазици на ЕУ, на земјите од Западен Балкан, вклучително и на македонски, како и на украински јазик. 

„Нов европски Баухаус“ е креативна и интердисциплинарна иницијатива, предложена од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во 2020 година. Нејзината цел е поттикнување на иницијативи и проекти насочени кон „преобликување на иднината, со цел и да се направи поодржлива, поубава и инклузивна“ и да се промовираат позитивни и инклузивни искуства. 

Треба да знаете
Moже да ве интересира