Меѓународната невладина организација Репортери без граници (РСФ) денеска ја повика Владата на Пакистан да не депортира 200 авганистански новинари кои избегаа од Авганистан откако талибанците ја презедоа власта во таа земја во август 2021 година, бидејќи тоа ќе ги изложи на голема опасност.
Се посочува дека некои новинари објавиле чувствителни информации во Авганистан и побарале засолниште во Пакистан заради безбедност.
Повикот доаѓа седум дена откако Пакистан започна голема акција против илегалните мигранти, главно околу 1,7 милиони Авганистанци, откако истече рокот од еден месец за доброволно да ја напуштат земјата.
Речиси 270.000 Авганистанци се вратија во своите домови за да избегнат апсење и принудна депортација.
Меѓу Авганистанците кои се уште се во Пакистан има 200 новинари, како и околу 25.000 луѓе кои чекаат да преминат во САД како дел од специјалната програма за бегалци. Според американскиот закон, апликантите мора прво да се преселат во трета земја, во овој случај Пакистан, за нивните случаи да бидат процесуирани. Амбасадата на САД во Исламабад издаде писма со покани до сите апликанти за да ги заштити од депортација. Сепак, пакистанските власти наведуваат дека овие документи немаат правна сила.
Во своето соопштение, Репортери без граници наведува дека некои авганистански новинари во Пакистан „биле изложени на малтретирање и изнуда од пакистански полицајци, произволни апсења, притисок врз сопствениците да ги иселат авганистанските станари, како и долги процедури за аплицирање за виза“.
Пакистанските власти велат дека нема да депортираат ниту еден авганистански новинар кој се соочува со закана дома, но ќе ги разгледаат само случаите на „вистинските новинари кои работат“. Многу новинари во Авганистан останаа без работа откако талибанците ја презедоа власта во земјата.
Новинарките се соочуваат со дополнителни тешкотии поради бројните ограничувања за работа и патувања наметнати од талибанците.
Репортери без граници го рангираа Авганистан на 152 место од 180 земји во најновиот Светски Индекс за слобода на медиуми.