Сеута преполна со малолетници по масовниот бран од Мароко, најмалку 100 загинати

PHOTO: EPA

Повеќе од 1.100 непридружени малолетници остануваат во Сеута по масовното преминување на границата од Мароко, додека шпанските власти се обидуваат да обезбедат сместување и да утврдат што ќе се случува со децата кои не можат автоматски да бидат вратени назад.

Според локалните власти, најголем дел од возрасните кои влегле во шпанската енклава веќе се вратени во Мароко, но постапката за малолетниците е многу посложена. За секое дете треба поединечно да се утврдат возраста, семејната состојба и дали враќањето е во негов најдобар интерес.

Центрите за прием се преоптоварени, а дел од младите останале без соодветно сместување. Шпанската влада одвои дополнителни 25 милиони евра за нивно згрижување и подготвува распределување на дел од малолетниците во други автономни региони.

Кризата следува по масовниот бран од крајот на јули, кога десетици илјади луѓе се обидоа да стигнат до Сеута од соседно Мароко, голем дел од нив преку море. Британски „Тајмс“ наведува дека во текот на кризата во енклавата влегле околу 72.000 лица.

Бројот на жртвите во различни извори сè уште се разликува. Градоначалникот на Сеута Хуан Хесус Вивас соопштил дека загинале најмалку 100 лица, додека шпански „Ел Паис“ наведува најмалку 140 загинати во миграциската трагедија.

Мароканските власти соопштија дека се подготвени да соработуваат при враќањето на малолетниците, но шпанските закони не дозволуваат нивно колективно и автоматско протерување. Секој случај мора да биде разгледан одделно, со приоритет на заштитата на детето.

Кризата во Сеута започна по неколкудневни масовни обиди за преминување на границата. Уште на 29 јули ЕФЕ известуваше дека најголем дел од луѓето кои се обидувале да стигнат до енклавата биле млади Мароканци, меѓу кои и голем број малолетници.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали ѝ верувате на водата од вашиот водовод?