Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Северна Кореја директно влегува во војната, што не е важно само за Украина, туку и за светот

Од септември 2023 година, покрај руските ракети и гранати, врз главите на Украинците почнаа да паѓаат и севернокорејски балистички ракети KN 23/Hwasong 11Ga. И покрај фактот што ракетата често со потсмев се нарекува Кимскандер или Искандер на Ким, таа е вистинска балистичка ракета која убива исто колку и рускиот Искандер. Според податоците на Министерството за одбрана на Јужна Кореја, на почетокот на септември 2024 година, режимот на Ким Џонг-ун и испратил на Русија околу пет милиони гранати, пишува хрватската новинска агенција Хина.

Според шефот на украинската воена разузнавачка служба ГУР Кирил Буданов, Северна Кореја веќе станала најголемиот проблем меѓу сите сојузници на Руската Федерација поради количината на воена опрема што ја испорачува на Москва. Пред се, станува збор за „огромни количества артилериски залихи“. Како што признава Буданов, „не можеме ништо против тоа“ и покрај фактот што современите технологии овозможуваат да се добијат информации за движењето на товарот во текот на целата рута до фронтот.

Првично, Москва повеќе се потпираше на Иран. Но, на Русија и беа потребни милиони муниција, која ја најде токму во Северна Кореја. Во декември 2022 година, ПВК Вагнер купи оружје од Северна Кореја за војната против Украина. Соработката брзо беше подигната на ново ниво, а Северна Кореја и Русија во моментов се во процес на ратификација на договорот за стратешко партнерство.

Северна Кореја се приклучува на војната

Во овој момент, Северна Кореја станува директен учесник во борбените операции против Украина.

Првите сведоштва за присуство на војници од Северна Кореја се појавија на почетокот на октомври 2024 година. На 4 октомври беше објавено дека шест воени инженери кои работеле на одржување на корејската ракетна технологија биле убиени во украински ракетен напад.

Веднаш потоа, и украинските власти и украинското разузнавање објавија дека Северна Кореја се подготвува да испрати целосен воен контингент.

На почетокот, можеби во рамките на т.н „политики за деескалација“ на САД и другите западни сојузници ја сфатија таа информација како обид на Украина да го принуди Западот поактивно да реагира на зајакнувањето на руските позиции во војната благодарение на муницијата од Северна Кореја.

Меѓутоа, деновиве разузнавачката служба на Јужна Кореја ја потврди информацијата на украинската разузнавачка служба и извести дека воени единици од Северна Кореја почнале да пристигнуваат во Русија и се подготвуваат за директно учество во борбени операции.

Бидејќи во ерата на интернетот е тешко да се скрие нешто, веднаш почнаа да се појавуваат видео докази, како и рутите по кои се префрлаат севернокорејските војници и нивниот приближен број.

Што е познато до денес?

Обемот на планираниот трансфер на севернокорејски војници во Русија значително ги надминува претходно објавените бројки. Наместо најавените 12 илјади војници, до крајот на 2024 година на територијата на Руската Федерација би можеле да бидат префрлени до 100 илјади припадници на вооружените сили на Северна Кореја.

Преминувањето ќе се одвива во неколку фази. Првиот контингент од 1.500 специјалци веќе пристигна во Владивосток и е на обука во руските воени бази на Далечниот Исток. Според се, се работи пред се за војници на севернокорејските сили за специјални операции.

До 1 ноември се планира да се заврши трансферот на уште 10.000 војници кои ќе бидат испратени во областа Курск. Во декември се очекува да пристигне главниот дел од контингентот – до 90.000 војници од различни воени гранки.

И покрај потенцијалните тешкотии во преводот, овие единици можат да се користат како инженерски дивизии, што ќе ослободи дополнителни воени единици на руската армија. Исто така, ова е одлична можност за Северна Кореја да стекне искуство во модерното војување.

Очекувана реакција на Западот

Реакцијата на западните земји беше очекувана. Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин изјави дека не може да потврди дека Северна Кореја испратила луѓе во Русија за можно учество во војната во Украина, но додаде дека таквиот потег ќе предизвика „загриженост“.

САД изразија голема „загриженост“ поради извештаите дека севернокорејските војници учествуваат на страната на Русија, изјави Шон Савет, портпарол на Советот за национална безбедност.

-Не можеме да потврдиме дали овој извештај е точен, но ако е точен, тоа би претставувало опасен развој во руската војна против Украина. Според него, доколку Северна Кореја се приклучи на Русија, САД ќе се консултираат со своите сојузници и партнери за последиците од „таков драматичен потег“.

„Сериозна ескалација“

Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро изјави дека учеството на редовните севернокорејски војници во руската инвазија против Украина ќе биде сериозна ескалација на војната.

Претседателот на Комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом на САД, Мајк Тарнер бара Белата куќа итно да свика таен состанок за испраќање војници од Пјонгјанг на руско-украинскиот фронт. Тарнер, исто така, повика на итен таен брифинг на Комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом за ова прашање.

Западните претставници едногласно укажуваат на „тешкотиите“ со кои се соочува Москва доколку биде принудена да ангажира севернокорејски трупи. Тоа е вистина – ваквото масовно вклучување на странски војници укажува на сериозни проблеми со мобилизацијата во самата Русија.

Путин категорично не сака да врши мобилизација меѓу руските граѓани, па севернокорејските војници се покажаа како последна опција за надополнување на неговата војска.

Сепак, зад овој разговор за „тешкотии“ со руската мобилизација се крие стравот од „неопходните ефекти“, кој очигледно сè уште постои меѓу западните сојузници на Украина.

Испраќањето војници од Северна Кореја, земја која за сите цивилизирани народи е олицетворение на „оската на злото“, дополнително ги поткопува аргументите за „деескалација“ и „неподготвеност за проширување на конфликтот“. Ангажирањето војници од трета земја е токму проширување на војната.

Што ако Кина отворено почне да им помага на Русите?

Украинските воени експерти веќе отворено му кажуваат на Западот: „Добро, што точно е планот за најлошото сценарио? Што ако Северна Кореја утре испрати над 100.000 војници? Што ако Кина започне отворено да испраќа возови со оружје и технологија? Што ако се повеќе и повеќе ресурсите почнуваат да доаѓаат од земјите на „оската на злото“?”

Амбасадорот на Украина во Велика Британија, поранешниот врховен командант на вооружените сили на Украина, Валериј Залужни, најточно го кажа тоа во својот говор во Кралскиот институт за меѓународни односи (Четам хаус) обраќајќи му се на Западот:

-Ова сега влијае на секој од вас. Кажете ми, ве молам, дали денес е тајна дека Кина, Северна Кореја и Иран се обединија околу Русија? Дали некој мисли дека се обединија против Украина? Ако е така, дозволете ми да бидам првиот што ќе изразам сомнеж. Повеќето луѓе во тие земји дури и не знаат каде е Украина“.

Во меѓувреме на бојното поле се појавија различни информации за севернокорејски војници кои се обидуваат да ги заплашат Украинците. Украинските војници, пак, организираат натпревари – која воена единица прва ќе пријави мртви или заробени севернокорејски војници.

ХИНА

Зачлени се на нашиот е-билтен