По испитувањето на мострите земени од храната во ОУ „Ѓорѓија Пулевски“ во Скопје, утврдено е дека 140-те деца се затруле со бактеријата стафилококус ауреус и ентеротоксин, потврдија од Иниститутот за јавно здравје.
Бактеријата е пронајдена во бомбиците кои им биле послужени на учениците од прво до трето одделение, кои минатата недела пријавија силни стомачни болки.
Настанот во ИЈЗ е пријавен во петокот на 27 септември, со сомнеж за труење во училиштетот во Аеродром, па екипите составени од епидемиолози и лаборанти, веднаш зеле брисе ви од работните површини и садовите, како и мостри од храната подготвена и послужена во кујната. Исто така, беа земени примероци од четири вработени во кујната, од раце, нос и грло.
Од сите земени брисови од површините и садовите, само на еден сад било најдено зголемено присуство на аеробни мезофилни бактерии, што укажува на нехигиенски услови.
Известени се Министерството за здравство (МЗ), Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) и Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
Директорот на училиштето, Александар Филипчев, информираше дека од вкупно 360 ученици кои се хранат во рамките на целодневната настава, околу 140 се пожалиле на исти или слични симптоми.