Во пустината Гоби, во регионот Ќингај на североисточниот раб на Тибетската висорамнина, се развива еден од најнеобичните енергетски проекти во светот – огромна соларна фарма која наместо да ја „истисне“ природата, ја менува и ја обновува.
Станува збор за комплексот Талатан, кој се смета за најголема соларна електрана во светот, со површина од стотици квадратни километри и милиони соларни панели. Проектот е развиен од компанијата Huanghe Hydropower, подружница на State Power Investment Corporation, и е дел од поширока кинеска стратегија за масовно проширување на обновливите извори на енергија.
Иако ваквите мегапроекти најчесто се поврзуваат со губење на земјиште и преселување на локалното население, во случајот на Талатан се случува спротивното. Пустинскиот предел, кој претходно бил речиси целосно песок и сиромашна вегетација, постепено се трансформира во зелена површина под и меѓу соларните панели.

Според податоци од операторот и научни анализи, редовите на панели делуваат како заштита од ветер, ја намалуваат испарливоста на почвата и задржуваат повеќе влага, што создава услови за раст на трева таму каде што претходно речиси и да немало вегетација.
Во рок од само неколку години, делови од областа бележат значително зголемување на растителниот покрив, а локалните сточари почнале да забележуваат дека има повеќе пасишта отколку пред почетокот на изградбата.
Овој неочекуван развој доведе до практично решение: наместо да се коси или да се користат хемиски средства, операторот почнал да носи овци кои природно ја одржуваат вегетацијата под контрола и спречуваат таа да ги засенува соларните модули.
Во рамки на системот, илјадници овци од околните села пасат во зоните под панелите во текот на сезоната, а локалните заедници добиваат пристап до нови пасишта. Воедно, самата инфраструктура е прилагодена – зголемен е растојанието меѓу редовите и висината на панелите за да овозможи движење на животните.
Проектот е еден од најголемите примери на таканаречена агроволтаика, каде што земјиштето истовремено се користи и за производство на електрична енергија и за земјоделство или сточарство.
Покрај еколошките ефекти, се наведува дека локалното население има и економска корист, бидејќи сточарството под панелите станало нов извор на приходи, а дел од производството на месо дури се продава и како бренд поврзан со соларната фарма.
Иако проектот сè уште се анализира од научната заедница, првичните резултати покажуваат дека комбинирањето на обновлива енергија и сточарство може да создаде неочекувано одржлив модел во екстремни климатски услови.
