Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Србија и Кипар потпишаа меморандуми за соработка во дипломатијата, науката и образованието

 – Меморандуми за разбирање во областа на дипломатијата, науката и образованието, потпишаа Србија и Кипар, по одржаниот Совет за соработка во Белград, во присуство на претседателите на двете земји, Александар Вучиќ и Никос Христодулидис, јави дописничката на МИА од Атина. 

На состанокот учествуваа министри од двете земји, а потпишаните меморандуми се однесуваат на соработка меѓу дипломатските академии од Србија и Кипар, развој на соработката во науката и иновациите, како засилена соработка во образованието. 

Претседателот на Кипар од вчера е во дводневна официјална посета на Србија, беше свечено пречекан од претседателот на Србија Александар Вучиќ, по што следеше тет-а-тет средба, но и состанок на двете делегации. 

Христодулидис го посети и српското Собрание, а денеска се сретна и со Патријархот на СПЦ Порфириј. 

По вчерашната средба на двајцата претседатели, Вучиќ истакна дека „Кипар е братска земја на Србија“, дека била потврдена волјата за дополнително интензивирање на билатералните односи и изразил благодарност до Кипар и до претседателот Христодулидис како за поддршката во однос на суверенитетот и територијалниот интегритет на Србија, така и за поддршката на европската перспектива на земјата. 

Христодулидис рече дека со Вучиќ разговарале за ситуацијата на Балканот, за кипарското прашаење, но и за дијалогот Белград- Приштина и истакна дека позицијата на Кипар е „цврста и не може да се промени во однос на територијалниот интегритет и суверенитет на Србија“, но и дека Никозија „беше, е и ќе продолжи да биде еден од најсилните поддржувачи на европската перспектива на Србија.

Ова е прва официјална посета на Белград на Христодулидис, кој паралелно го покани Вучиќ да го посети Кипар.

Зачлени се на нашиот е-билтен