Срушена до темел градинката „Пролет“ во Козле – ќе се гради нов објект

Стариот објект на градинката „Пролет“ во Козле, позната и како „Пролет – Канела“, е срушен до темел, а на негово место треба да се гради нова детска градинка. Со тоа почнува нова фаза во еден од најважните локални проекти за згрижување деца во Општина Карпош, каде со години се укажува на недостиг од места во градинките и на потребата од современи, безбедни и енергетски ефикасни објекти. Проектот беше почнат од минатите власти во општината а сега се реализира.

Општината претходно најави дека, по реконструкцијата и изградбата на нови објекти во други населби, следува и целосно нов објект на градинката „Пролет“ во Козле, односно објектот познат како „Пролет – Канела“. Во официјална објава на Општина Карпош беше наведено дека, по „Мајски цвет“, се очекува да се урне „Пролет“ кај Канела и да се изгради нова градинка во Козле.

Градинката „Пролет“ е една од поголемите предучилишни установи во Карпош. Според податоците објавени од Општина Карпош, установата згрижува вкупно 750 деца во повеќе објекти. Меѓу нив се матичниот објект во Козле, „Пролет 2“ на улицата „Милан Марковиќ“, „Сончогледи“ во Влае и клонот „Бумбарче“. На истата општинска страница е наведено дека објектот во Козле има 236 деца, што покажува дека секоја интервенција таму директно засега голем број семејства.

Најчитано