Тендерот за автобусите паднал на 12 милиони евра разлика, посочуваат од СДСМ

Тендерот за автобусите во Скопје пропаднал затоа што, според Јон Фрчкоски од Извршниот одбор на СДСМ, бил поставен за да се избере поскап понудувач, иако постоела понуда поевтина за речиси 12 милиони евра за набавка на 150 автобуси.

На прес-конференцијата Фрчкоски обвини дека скопјани повторно се жртви на коруптивни тендери, додека јавниот превоз во главниот град останува во лоша состојба. Според него, граѓаните со часови чекаат на станици и се возат во дотраени автобуси, а власта, наместо да го реши проблемот, била фокусирана на милионски зделки.

Во соопштението се тврди дека постои официјална претставка до Министерството за транспорт, која, според СДСМ, укажува дека преземањето на надлежностите за набавка на автобуси не било со цел да му се помогне на Скопје, туку за да се фаворизира однапред договорена фирма.

Фрчкоски наведе дека иако основниот критериум бил најниска цена, се туркал поскап понудувач. Разликата, според него, изнесувала речиси 12 милиони евра, односно 78.563 евра повеќе по автобус.

Од СДСМ тврдат дека надлежните биле писмено предупредени за поевтината понуда уште во ноември 2024 и декември 2025 година, но свесно продолжиле со постапката. Според Фрчкоски, тендерот бил поништен не поради грижа за законитоста, туку затоа што случајот бил откриен.

Тој посочи дека поради скандалот случајот го презема американскиот адвокатски тим „The Ticktin Law Group“, кој најавува известување до Белата куќа, Стејт департментот и Американската амбасада во Скопје.

Од СДСМ бараат институциите веднаш да отворат истрага и да утврдат кој се обидел, како што тврдат, да го оштети буџетот и граѓаните за 12 милиони евра.

Најчитано