Претседателот на Сојузот на синдикати Слободан Трендафилов вели дека во рок од 100 дена, колку што одбележа Владата, требало да се најде време за одржување на Економско-социјалниот совет, на кој седнуваат заедно Организацијата на работодавачи, Сојузот на синдикати и претставниците на Владата и на кој се разговара за отворените прашања.
– Не би коментирал што се случи во првите 100 дена. Утре ќе биде 101. ден од новата Влада и повторно нема да биде ништо сменето, рече претседателот на ССМ, Трендафилов, денес пред почетокот на конференцијата „Социјален дијалог – состојба, перспективи и предизвици“, организирана од ССМ и Фондацијата „Фридрих Еберт“.
Сојузот на синдикатите на Македонија веќе донел одлуки и заклучоци дека ќе им даде поддршка на сите синдикати во борбата за раст на платите, вклучително и на минималната плата, нешто што, според претседателот Трендафилов, требало да се случи вчера оти денес е доцна.
Тој повтори дека остануваат и на едно од клучните барања, зголемување на минималната плата.
– Сметаме дека аргументите се токму на страна на работниците, сметаме дека 25.000 работници во државата што земаат плата од 22.567 денари е некоректно и нечовечки, а за 10.000 што земаат плата од 1 денар до 22.567 денари се прави кривично дело и сметаме дека ако за една минимална синдикална кошница се потребни три минимални плати, нашето барање за раст на минимална плата е основано. Само делот за храна и пијалаци во кошницата веќе е 23.0000 денари – потенцира Трендафилов.
На Конференцијата учествуваа претставници од Сојузот на синдикати, Организацијата на работодавачи, Министерството за економија и труд и Министерството за јавна администрација.
Оценувајќи го работењето на Владата во изминатите 100 дена, претседателката на Организацијата на работодавачи Владанка Трајкоска рече дека имале големи очекувања, но дека не добиле речиси ништо.
– Се надевавме дека оваа влада ќе има сенс за бизнисот, за сите кризи со кои се соочуваме во работењето, меѓутоа она што се случуваше во изминатиот период, беше само зголемување на плати, на јавна администрација, земање кредити за општините, заобиколување на проблемите со кои се соочува стопанството во делот на продуктивноста и немањето работна сила, што значи со еден збор „ништо“ – одговори на новинарско прашање Трајкоска.