Трошоците за живот пораснаа, власта брои маржи додека граѓаните бројат денари

Живеачката поскапе во Македонија и во мај повторно ја погоди најчувствителната точка на граѓаните, откако најновите податоци за инфлацијата, синдикалната кошница и цените во маркетите покажуваат дека основните производи стануваат сè потежок товар за домашните буџети.

Граѓаните велат дека поскапувањето најмногу се чувствува кај храната, овошјето, зеленчукот, млечните производи, месото, јајцата и маслото за јадење. Дел од нив сведочат дека секое одење во маркет веќе личи на пресметка, а не на редовно купување, бидејќи производите што до вчера биле основни денес сè почесто се доживуваат како луксуз.

Официјалните бројки ја потврдуваат истата слика. Според Државниот завод за статистика, инфлацијата во април 2026 година во однос на март изнесувала 1,3 проценти, додека трошоците на животот во однос на април 2025 година се зголемиле за 5,7 проценти. На месечно ниво најголем раст е забележан кај транспортот, од 10,1 процент, а поскапување има и кај храната и безалкохолните пијалаци.

Синдикалната минимална кошница за април достигнала 68.797 денари, што е за 979 денари повеќе од март. Ако се вклучи и изнајмен стан од 60 квадратни метри, сумата се искачува на 84.172 денари. Само за четири месеци, од јануари до април, кошницата пораснала за 3.305 денари.

Во меѓувреме, од Владата и Министерството за економија најавуваат контроли и велат дека ќе се реагира ако се утврди дека маркетите ги зголемуваат маржите. Но додека институциите проверуваат, граѓаните веќе плаќаат повисоки сметки, а од денеска дополнителен притисок доаѓа и од поскапите горива.

Клучното прашање не е дали цените растат, туку зошто реакцијата секогаш доаѓа откако ударот веќе ќе стигне до семејниот буџет. Во земја каде што една кошница се доближува до две просечни плати во многу домаќинства, секое ново поскапување повеќе не е статистика, туку дневна борба за преживување.

Најчитано