Турското обвинителство бара укинување на имунитетот на Озгур Озел

Обвинителството во Анкара побара да им биде укинат пратеничкиот имунитет на лидерот на главната турска опозициска Нова партија, Озгур Озел, и на пратеникот Вели Агбаба, поради сомнение за примање поткуп во продолжение. Предметите се доставени до Министерството за правда.

Според соопштението на Главното јавно обвинителство во Анкара, истрагата се однесува на конгресот на Републиканската народна партија од ноември 2023 година, на кој Озел беше избран за претседател на партијата, како и на изборот на кандидати за локалните избори одржани на 31 март 2024 година.

Обвинителството тврди дека Озел ја искористил својата политичка положба за да обезбеди материјална корист од тогашниот градоначалник на Анталија, Мухитин Бочек, и од неговиот син Мустафа Гокхан Бочек. Според обвинителските наводи, парите биле дадени директно или преку Вели Агбаба за Бочек повторно да биде предложен за кандидат за градоначалник на Анталија.

Озел е осомничен и дека примил материјална корист од градоначалникот на Ушак, Озкан Јалим, која наводно била наменета за конгресот на партијата во 2023 година. Обвинителството го товари за примање поткуп во продолжение според одредбите од турскиот Кривичен законик.

За пратеникот Вели Агбаба се тврди дека посредувал при предавањето пари поврзани со кандидатурата на Бочек. Обвинителството наведува и дека Агбаба вршел влијание врз градоначалникот на Чанкаја при доделување тендер за собирање отпад и дека барал договорот да го добие определена компанија.

Во обвинителското соопштение се наведува дека Агбаба прибирал средства и од претставници на општини во Измир и околината за потребите на локалната изборна кампања во 2024 година. Сите наводи се дел од истрагата и за нив засега нема судска одлука.

Двете барања сега треба да бидат разгледани од Министерството за правда, кое може да ги достави до турскиот парламент. За укинување на пратеничкиот имунитет е потребно гласање на пратениците, по што би можела да продолжи кривичната постапка против Озел и Агбаба. Владејачката коалиција располага со мнозинство во парламентот.

Озел претходно беше сменет од функцијата претседател на Републиканската народна партија откако суд го поништи конгресот од 2023 година и го врати Кемал Киличдароглу на чело на партијата. Во јули Озел ја формираше Новата партија, во која преминаа 90 од вкупно 135 пратеници на ЦХП, со што таа стана најголемата опозициска група во парламентот.

Најчитано