Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Урсула и волкот

За разлика од Брисел и од одреден круг на земјите членки на ЕУ, во нашиот регион речиси е непознато што точно стои зад настојчивоста на претседателката на Европскјата Комисија да се спушти статусот на заштита на волците во државите на Европската Унија.

Она што е суштина зад „Приказната за Урсула и волкот“, како што се нарекува оваа бизарна кампања на претседателката на Европската комисија, е нејзината лична драма со волците.

Имено, откако нејзиното сакано пони Доли било убиено од волк, подоцна означен како GW950m, на нејзиниот имот во германската Долна Саксонија во септември 2022 година, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен започнала кампања за намалување на статусот на заштита на волците.

Оваа нејзина, како што ја нарекуваат, немилосрдна лична војна – којашто се претвори во политичко лобирање на највисоко ниво – се’ ги крева веѓите меѓу дипломатите на ЕУ во Брисел. Оние што ги анкетираше порталот „Политико“, кој за оваа „приказна“ дури креираше и посебен портал Ursula vs. The wolf, го опишуваат нејзиниот фокус на „големиот лош волк“ како „чуден“, „бизарен“, „збунувачки“ и дефинитивно и неоправдано „настојчив“.

„Заштитата на волкот не е толку многу важно прашање, а сепак Фон дер Лајен го прави клучно политичко прашање“, изјави за „Политико“ еден од дипломатите што ги консултираше порталот.

Во прашање е дали статусот на заштита на волкот треба да се намали од „строго заштитен“ на „заштитен“, како што лобира фон дер Лајен, со што ќе се овозможи полесно убивање на животните доколку им се закануваат на добитокот.

Дипломатите во Брисел за загрижени околу упорноста на претседателката на Европската комисија, која, како што велат, отишла дотаму што го користела незадоволството на европските фармери кои за време на протестите, меѓу другото, се жалеа и на регулативите на ЕУ кои во некои ситуации се пречка кога треба да го заштитат добитокот од дивите животни.

Само неколку недели по смртта на нејзиното пони Доли, фон дер Лајен побарала „длабинска анализа“ за заканата од волците од страна на Европската комисија. Една година подоцна – во декември 2023 година – на бирото на европските земји беше предлог за ефективно намалување на статусот на заштита на животното.

Фон дер Лајен не го намали притисокот, иако екологистите критикуваа дека волкот се користи за лична цел.

Сабиен Лиманс, висок офицер за политика за биолошка разновидност во канцеларијата за политика на ЕУ на Светскиот фонд за дивиот свет во Брисел, вели дека е погрешно решението да се намали статусот на заштита на дивите животни.

„Со тоа што дозволувате да ловат волци, не го решавате проблемот со убивањето добиток, тоа може да се реши само со спроведување превентивни мерки“, рече таа, додавајќи дека волкот се користи како „политичко жртвено јагне за проблемите со коишто се соочуваат земјоделците, кои се вистински“.

И додека повеќемина од засегнатите за ова прашање, особено енвироменталистите, сметаа дека на Усрула фон дер Лајен ќе ѝ помине желбата да им се „освети на волците“ заради личната драма, од Брисел стигаат информации дека во администрацијата на ЕУ сѐ уште се водат дебати дали и на кој начин ќе се симне степенот на заштита на волците.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново