Уставниот суд не пресече за изборната битка на Левица

Дарко Костадиновски, претседател на Уставен суд
Дарко Костадиновски, претседател на Уставен суд

Изборната битка на Левица остана отворена во Уставниот суд, откако судиите денеска не обезбедија потребно мнозинство за да донесат одлука за иницијативата со која се оспоруваат делови од Изборниот законик. Предметот останува во фаза на гласање, што значи дека дилемата околу распределбата на медиумскиот простор и јавните пари за политичко рекламирање не е затворена.

Иницијативата е поднесена од Левица и партијата Демократи, а се однесува на одредби од Изборниот законик поврзани со платеното политичко рекламирање. Подносителите тврдат дека актуелните правила создаваат нерамноправен пристап меѓу политичките субјекти, особено меѓу големите и помалите партии.

Според иницијативата, проблемот е во тоа што во практиката најголем дел од медиумскиот простор и државната поддршка го добиваат двете најголеми партии од власта и двете најголеми партии од опозицијата. Останатите партии, како што наведуваат подносителите, се ставаат во понеповолна положба и добиваат ограничен простор за претставување пред граѓаните.

Во расправата во Уставниот суд имало различни ставови меѓу судиите. Дел од аргументите биле во насока на поведување постапка за оспорените одредби, додека дел од судиите сметале дека Судот веќе се произнесувал за истите прашања во претходен период.

Пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ, по седницата порача дека евентуално отфрлање на иницијативата би значело потврда на опасноста од нерамноправни услови на изборите. Тој оцени дека не е нормално легална партија со пратеничка група да биде ограничена во можноста да ги претстави своите идеи и програма пред граѓаните.

Овој случај доаѓа во период кога Изборниот законик е една од најжешките политички теми во Собранието. Паралелно со судската постапка, партиите сè уште не постигнуваат договор за изборните правила, а спорни остануваат прашања како една изборна единица, финансирањето, медиумското претставување и гласањето на дијаспората.

Најчитано