Внимателно ако летувате во Грција: 65 случаи на западнонилска треска

Бројот на заразени со вирусот Западен Нил во Грција продолжува да расте, а здравствените власти ги повикуваат жителите и туристите да се заштитат од убоди од комарци.

До 5 август во земјата се потврдени 65 локално стекнати случаи, од кои 23 биле пријавени само во последната недела. Шест пациенти починале, сите постари од 65 години и со тешки невролошки манифестации на инфекцијата.

Од вкупниот број заразени, кај 54 пациенти биле развиени компликации на централниот нервен систем, меѓу кои енцефалитис, менингитис или акутна парализа. Другите 11 имале полесни симптоми или немале невролошки манифестации.

Во грчките болници се лекуваат 20 пациенти, од кои осум се на интензивна нега, а четворица во одделенија за зголемена медицинска грижа.

Случаи се регистрирани во 25 општини во регионите Атика, Тесалија и Централна Македонија. Во северниот дел на Грција заразени има во регионалните единици Пела и Серес, додека уште четири случаи во Централна Македонија се предмет на истрага.

Најинтензивно ширење на вирусот годинава е забележано во Атика. ЕОДИ предупредува дека во следниот период се очекуваат нови случаи и во веќе погодените и во други делови од земјата, кои однапред не можат сигурно да се предвидат.

Вирусот главно се пренесува преку убод од заразен комарец и не се пренесува со вообичаен контакт меѓу луѓето. Најголемиот дел од заразените немаат симптоми или развиваат лесна форма на болеста, додека кај помалку од еден процент може да се јави сериозно зафаќање на нервниот систем.

Поголем ризик од тешка форма имаат повозрасните лица, луѓето со ослабен имунитет и пациентите со хронични заболувања.

ЕОДИ препорачува употреба на средства против комарци, носење долга и светла облека, поставување мрежи на прозорците и употреба на клима-уреди или вентилатори. Треба да се отстранува и застоената вода од саксии, кофи и други садови, бидејќи таму се размножуваат комарците.

Најчитано