Во Хрватска беше поалармантно: Огромен град повреди туристи

Силно невреме со пороен дожд, грмежи и огромни зрна град ја погоди хрватска Истра, а најтешко беше во Ровињ, каде што двајца туристи завршија со повреди на главата. Невремето продолжи да се движи кон Далмација, за која беше вклучен и највисокиот, црвен метеоролошки аларм.

Во Ровињ паѓале зрна град со големина на орев, а дел од нив биле поголеми од пет сантиметри. Материјалната штета врз автомобили и друг имот сè уште се утврдува.

Двајца туристи биле повредени во камп во близина на градот. Екипата на итната медицинска помош ги затекнала кај рецепцијата со видливи повреди на главата.

Еден од повредените излегол за да го покрие својот автомобил кога големо зрно град го погодило во главата. Вториот турист бил повреден откако невремето престанало, додека се наведнал да ги врзе патиките.

На двајцата им била укажана медицинска помош на местото на настанот.

Хрватскиот државен хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување за поголем дел од Јадранот. За сплитскиот регион беше вклучен црвен аларм поради опасност од силни грмежи, поројни дождови, град и многу силен ветер.

Метеоролозите предупредија дека ударите на ветерот може да надминат 65 километри на час. Постои опасност од оштетување на имотот, паднати дрвја, локални поплави, прекини во сообраќајот и снабдувањето со електрична енергија.

На жителите и туристите им беше препорачано да избегнуваат престој на отворено и патувања што не се неопходни.

Невремето претходно зафати и делови од Италија, каде што биле измерени удари на ветер поголеми од 110 километри на час. Метеоролошкиот систем потоа се преместувал преку Јадранот кон хрватското крајбрежје.

Најчитано