Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Заедничкиот пазар во Западен Балкан ќе го донесе регионот поблизу до ЕУ

Да се придонесе кон економскиот развој со зајакнување на регионалната економска соработка, беше високо на листатата на Берлинскиот процес од самиот почеток, затоа што тој беше воспоставен како дополнителен процес за поддршка на Западниот Балкан за подготовка на членство во ЕУ. Минатата недела во Берлин канцеларот Олаф Шолц многу јасно кажа уште еднаш дека се работи за нашата заедничка иднина. Како земја-членка доколку го гледате процесот на пристапување во ЕУ тој е воден од два елемента – едниот е врвната позиција на владеење на правото, а втората е економската интеграција.

Ова го истакна германската амбасадорка во земјава Петра Дрекслер на настанот „Унапредување на регионалната соработка: Патот кон Заеднички регионален пазар и ЕУ интеграција на Западниот Балкан“, во организација на Институтот за европска политика (ЕПИ).

-Доколку сакате резултатите од самитите да бидат одржливи и да обезбедат да се зачува фокусот на спроведувањето, тогаш битно е граѓанското општество и тинк тенк организациите да го следат процесот и да се ангажираат од самиот почеток за тоа како ќе продолжиме, рече таа.

Според неа, економската интеграција тука во суштина значи конечна интеграција во заедничкиот европски пазар.

-Тоа е нешто што доаѓа со големи придобивки и огромен потенцијал за сите национални економии – вклучително и механизмите на солидарност кои ги има и тука во Северна Македонија, како и во останатите земји на Западен Балкан. Понекогаш тоа што се занемарува во јавната дискусија е дека тоа доаѓа со огромни предизвици. Многу е тежок и ризичен процесот, да се има нешто треба да се координираат социјалните општествените стандарди на 17 милиони луѓе кои живеат на Западен Балкан, рече Дрекслер.

Таа потсети дека досега се постигнати огромни придобивки – слобода на движење со лични карти меѓу сите земји од Западен Балкан и тоа, рече, е огромен чекор, заемно признавање на академските и професионалните квалификации во регионот – исто така огромен чекор, натаму целосен напредок кон членството во СЕПА, што, како што кажа, ќе придонесе кон подобри услови за живеење и интеграција.

-Со деблокирање на ЦЕФТА ќе биде овозможен огромен напредок што беше блокиран во изминатите години. Второ – Берлинскиот процес го исцрта патот кон конкретни чекори напред преку поддршка на заедничкиот акциски план за регионален пазар. А самитот го истакна и значењето на се уште новиот инструмент – Планот за раст. Иако имаше многу дискусии околу Планот за раст, агендата беше неодамна усвоена, и сега ќе почне спроведувањето, но самитот сепак истакна дека овој механизам може и треба да биде мост меѓу заедничкиот регионален пазаер и единствениот европски пазар, рече Дрекслер.

Посочи дека сега заедничкиот комитет на ЦЕФТА ќе биде тој што ќе треба да ги усвои професионалните квалификации, работните дозволи, а владите од регионот ќе треба решително да ги спроведат реформските агенди како и акцискиот план за Заедничкиот регионален пазар.

-И мислам дека Северна Македонија покажува и продолжува да покажува многу силна заложба со тоа што е земја модел со заедничкиот регионален пазар. Меѓупартиската група во Собранието е позитивен чекор што ќе го следи процесот и се надевам ќе придонесе кон подобрување на целиот политички амбиент. И мислам дека ваквите дускусии покажуваат дека постои интерес организациите на граѓанското општество, како и тие тинк тенкови да ги следат процесите и да се овозможи конкретен напредок, рече Дрекслер.

Заменик шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава Бен Нупнау повтори дека Заедничкиот пазар ќе го донесе регионот поблизу до ЕУ, ќе поттикне раст и ќе ја зајакне економската конвергентност на регионот.

-Заедничкиот регионален пазар е клучен елемент на ова. Тоа е една иницијатива којашто беше промовирана од Берлинскиот процес, беше усвоена во 2020 година и целта е да се воспостави заеднички регионален пазар заснован врз четирите слободи и со изградба на заедничкиот пазар од 18 милиони луѓе во регионот – модел којшто го следи заедничкиот европски пазар врз основа на регулативите на ЕУ. Ова значи дека додека ја промовираме трговијата и интеграцијата, тој истовремено ќе го олесни бизнисот надвор од регионот со ЕУ. И во таа насока тоа ќе значи зајакнување на соработката со регулаторна конвергентност, рече Нупнау.

Тој оцени дека во регионот на Западен Балкан и понатаму се соочуваме со предизвикот на фрагментација – има 14 граници меѓу земјите од ЗБ и додека секоја од шесте земји ја шири својата соработка, регионалната трговија е многу ниска, особено имајќи ја предвид географската блискост на земјите и постоењето на традиционалните трговски врски, додавајќи дека останува уште многу да се направи.

-Економската конвергентност е суштински елемент и пред пристапот на поголемите регионални пазари ја поттикнуваат конкурентноста, создаваат работни места и можности и може да помогне во намалувањето во одливот на мозоци и останува уште многу да се направи. Доколку го гледате регионалниот БДП тој е некаде 35 отсто од просекот во ЕУ. Значи има голем потенцијал којшто треба да се ослободи, рече Нупнау.

Интеграцијата во заедничкиот пазар во ЕУ, додаде, е главната движечка сила за растот на сите земји кои пристапија во ЕУ во минатото, но земјите треба да бидат подготвени да можат да ги применат комплексните регулативи и да се подготвени да се спротивстават на притисокот и тука доаѓа и Планот за раст и тој е тука да им помогне на земјите да се реформираат да ги изградат своите капацитети – административни и економски, но и да ги обезбедат финансиските средства за сите тие чекори.

Настанот на ЕПИ е дел од серијата настани што се одржуваат од 17 до 24 октомври во секој од главните градови на Западниот Балкан, веднаш по Самитот за Западен Балкан во Берлин.

Премиерите на шесте земји од Западен Балкан на самитот на Берлинскиот процес на 14 октомври потпишаа нов акциски план за единствен регионален пазар, како составен дел од Планот за раст на Европската унија (ЕУ) за Западен Балкан.

Потпишан е и нов договор за мобилност, кој вклучува пристап до високо образование.

Најавувајќи го потпишувањето, домаќинот на самитот, германскиот премиер Олаф Шолц, рече, потпишаните документи „ќе им го олеснат животот на луѓето“.

Новиот акциски план за единствен регионален пазар за периодот од 2025 до 2028 година го потпишаа премиерите на Србија, Северна Македонија, Црна Гора, Косово и Албанија и претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина.

Зачлени се на нашиот е-билтен