Западен Балкан блиску до ЕУ – роаминг, до каде е Македонија?

роаминг

ЕУ роамингот за Западен Балкан влегува во нова фаза, откако земјите членки на Унијата, според објавата на РТС, практично постигнале согласност за почеток на преговори за укинување на дополнителните роаминг-трошоци за граѓаните од регионот, меѓу нив и Македонија.

Планот е амбасадорите на земјите членки формално да го одобрат мандатот за преговори на 3 јуни, а министрите на ЕУ да ја потврдат одлуката еден ден подоцна. Тоа би ѝ овозможило на Европската комисија уште во јуни да почне билатерални разговори со секоја земја од Западен Балкан одделно.

За Македонија, тоа значи дека земјата е дел од регионалниот пакет, но не значи дека роамингот со ЕУ веќе е укинат. Следниот чекор ќе биде преговарање и усогласување со европските правила во областа на телекомуникациите и роамингот. Европската комисија претходно нагласи дека процесот ќе зависи од подготвеноста на секој партнер од Западен Балкан да склучи билатерален договор со ЕУ и целосно да се усогласи со релевантното законодавство.

РТС објави дека Брисел неофицијално проценува оти првите земји од регионот би можеле да го укинат роамингот со ЕУ во првата половина на 2027 година, ако преговорите и техничкото усогласување поминат без поголеми политички и технички застои.

Ова доаѓа по веќе постигнатото намалување на роаминг-трошоците меѓу ЕУ и Западен Балкан, кое почна од 1 октомври 2023 година. Според Regional Cooperation Council, цената за 1 GB податоци треба постепено да се намалува: под 18 евра од 2023 година, под 14 евра од 2026 година и под 9 евра од 2028 година.

Затоа главното прашање за Македонија не е дали е во процесот, туку колку брзо ќе ги заврши обврските. Ако усогласувањето оди навреме, граѓаните би можеле конечно да патуваат низ ЕУ без страв од високи сметки за интернет, повици и пораки. Ако процесот заглави, укинувањето на роамингот ќе остане уште едно европско ветување што се движи побрзо во Брисел отколку дома.

Најчитано