Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Земјоделци пристигна на демонстрации во Брисел, главните белгиски земјоделски здруженија не го поддржаа протестот 

Околу 200 трактори од Холандија претпладнево ја преминаа границата со Белгија и се упатија кон Брисел, формирајќи колона долга 8,5 километри, за да учествуват на најавените денешни земјоделски протести во белгискиот главен град. 

Како што јавија холандските медиуми, поворката тргнала ноќеска околу 1:30 часот од местото Шајк во провинцијата Брабант, при што по пат и се приклучувале трактори од други делови на Холандија. 

Организацијата Земјоделски одбранбени сили (ФДФ) информира дека „илјадници холандски фармери со околу 500 трактори“ се упатиле кон Брисел, на кои се очекува „само од Фландрија да им се приклучат „околу 1.000 трактори“. 

Според медиумските извештаи холандските трактори со знамиња на Холандија истакнати наопаку и на ФДФ, како и со пароли како „земјоделците се грижат за вашата храна“, се упатиле кон Брисел, при што им се приклучиле и фармери од Германија и Белгија. 

Белгиската федерална полиција соопшти дека „странски и домашни земјоделци, најчесто со трактори, од рано утрово се упатиле кон платото Хејсел, во близина на бриселскиот саемски комплекс и стадионот „Крал Бодуен“, каде е најавеното собирно место за учесниците на протестите.  

Полицијата ги затвори патните правци по кои се движеа тракторите за да може колоната напречно да стигне до Брисел, но не им дозволија да излезат на автопатиштата. 

– Се очекува неколку стотици, можеби и илјада земјоделци, вклучително и од странство, да стигнат со трактори во Брисел, соопшти полицијата. 

Сепак, повеќето белгиски земјоделски здруженија не се приклучија на денешниот протест, посочувајќи дека зад него стојат „тврдокорните земјоделски организации и групи поврзани со екстремната десница“. Дополнително, според нив, има и обиди за политизирање на протестот, посочувајќи дека тој бил промовиран од субјекти блиски до унгарскиот премиер Виктор Орбан. 

ФДФ ги отфрли ваквите обвинувања, посочувајќи дека нивна цел е укинување на Зелениот договор на ЕУ во неговата сегашна форма, забрана за увоз на земјоделско-прехранбени производи од земји што не се членки на Унијата, отфрлање на какви било ограничувања во сточарството и „апсолутна заштита“ на правото на користење приватната сопственост. 

Според ФДФ, на протестот попладнево ќе говорат претставник на германската Христијанско демократска унија (ЦДУ), од која доаѓа и претседателката на Еврокомисијата, Урсула фон дер Лајен, како и белгискиот европратеник Том Вандендрише од редовите на екстремно десничарскиот Фламански интерес (ВБ) и „тајни високи говорници“ од полската десничарска партија Право и правда (ПиС). 

Валонската земјоделска федерација (ФВА), кое е најголемо здружение на земјоделците во Валонија, оцени дека тајмингот за одржување на денешниот протест „не е многу соодветен“. 

– ФВА не учествува на протестите од две причини: доцнењето во земјоделските работи поради временските услови и приближувањето на изборите, што значи дека тајмингот не е многу соодветен. Предоцна е да ја убедиме актуелната Влада да ја промени својата политика и прерано да ги објасниме нашите аргументи на новата, изјави претставник на ФВА. 

Во Белгија в недела покрај Евроизборите, ќе се одржат и избори за членови на Федералниот парламент и на регионалните парламенти на Брисел, Валонија и Фландрија. 

– Се надеваме дека изборите ќе доведат на власт луѓе кои се свесни за реалноста на теренот и за тешкотиите што ги имаат земјоделците, посочија од ФВА. 

И најголемото здружение на земјоделците од Фландрија, Земјоделскиот сојуз (ББ), исто така, реши да не учествува на денешните протести. 

Според претставничка на ББ, тие избрале „стратегија на дијалог за да го засилат гласот на фармерот“, но дека го поддржуваат секој поединец што ќе „избере да го претставува гласот на земјоделецот на достоинствен начин“. 

Таа посочи дека по земјоделските протести организирани од страна на ББ низ фламанските провинции во последниве месеци, тие биле поканети да учествуваат во дискусиите за земјоделските политики и тоа резултирало со нови мерки и закони, а земјоделството „првпат по многу години се наметнало како значајна тема во изборната кампања“. 

Од друга страна фламанскиот Генерален синдикат на фармерите (АБС) соопшти дека ќе учествува на денешните протести, со што сака да покаже дека „подготвеноста за преземање акција останува непроменета“. 

Организирањето на протестот во неделата кога се одржуваат изборите за членови на Европскиот парламент, веќе беше оценето како обид за дополнителен притисок врз институциите на ЕУ.  

Денешните демонстрации следат по протестот во Брисел во саботата во организација на групата „Добра храна, добро земјоделство“ и Мрежата за климатска акција (КАН) од кои околу стотина демонстранти побараа европска политика за борба против глобалното затоплување и зачувување на екосистемите, но „без казнување на земјоделците“.  

Според организаторите на саботниот протест од суштинско значење е развивање на европска политика за фер транзиција во земјоделско-прехранбените системи во ЕУ.  

– Само со здружување на социјалните и еколошките напори ќе можеме да се справиме со кризите со кои се соочуваме и да обезбедиме фер иднина за сите, изјави Миа Манчини од организацијата „Добра храна, добро земјоделство“ за белгиската новинска агенција Белга.

Треба да знаете
Moже да ве интересира