Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Зошто националните координатори немаа отчет за 100 дена Влада? Што сработија за 4 месеци?

Рацин.мк пред 6 дена, на 23 октомври, испрати прашања на мејлот на портпаролката на Владата за да добиеме информација што сработиле новоназначените национални координатори за 4 месеци откако се именувани на нивните функции.

Ако веќе сите владини ресори се изредија по повод 100 дена од Владата, се постави прашање зошто таков отчет нема(ше) од националните координатори. Тие секако (треба да) координираат владини програми и отчетот и транспарентноста за нивната работа е нешто што се очекува.

Прашавме што сработиле Влатко Ѓорчев како национален координатор за демографија и млади, Павле Трајанов како национален координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот, Солза Грчева како национален координатор за реформи во високото образование, Лилјана Затуроска како национален координатор за локална самоуправа, Блерант Рамадани како национален координатор за примена на нови технологии, Верче Мицевска како национален координатор за безбедност на храна, ветеринарна и фитосанитарна политика.

До денеска, кога го објавуваме овој текст, од канцеларијата на портпаролките на Владата нема одговор на овие прашања.

Нема одговор ниту на прашањата дали националните координатори, што ги назначи Владата имаат канцеларии и каде им се тие канцеларии? Ако немаат сѐ уште, дали работат од дома?

Од канцеларијата на портпаролките нема одговор ниту на прашањето дали можеме да ги добиеме службените телефони на овие 6 национални координатори за кои сметките ги плаќаме ние граѓаните и дали може да ги добиеме нивните службени и-мејл адреси.

Сите овие прашања, сега засега, останаа без одговор.

Зачлени се на нашиот е-билтен