Новата владина ефикасност во САД – двајца функционери за една позиција
Трамп ги назначи милијардерот Илон Маск и поранешниот ривал во републиканската претседателска трка Вивек Рамасвами да го предводат „секретаријатот за владина ефикасност“ или „DOGE“.
Тој секретаријат не постои, но Маск и Рамасвами ќе работат надвор од владата и ќе даваат „совети и насоки“, рече Трамп на својата социјална мрежа, пренесува АП.
Тој најави дека Маск и Рамасвами ќе соработуваат со претставници на Белата куќа на „структурни реформи од големи размери“.
„Овие двајца извонредни Американци ќе го отворат патот за мојата администрација да ја разбие владината бирократија, да ги елиминира прекумерните регулативи, да ги намали непотребните трошоци и да ги реструктуира федералните агенции“, рече Трамп, додавајќи дека нивната мисија ќе биде завршена до 4 јули 2026 година и дека помалку и поефикасна влада да биде „подарок“ за САД, на 250-годишнината од потпишувањето на Декларацијата за независност.
Со оглед на тоа што не е фактичка владина агенција, се уште не се знае како ќе функционира. Со овие назначувања Трамп награди двајца поддржувачи од приватниот сектор, пренесува Ројтерс.
Маск е сопственик на Тесла, Икс и Спејс-икс, а Рамасвами е основач на фармацевтска компанија.
Маск исто така даде десетици милиони долари за кампањата на Трамп и зборуваше на неговите митинзи. Акронимот за Секретаријат – DOGE – се совпаѓа со името на криптовалутата Dogecoin, што ја промовира Маск.