Во заедничка акција на Граничниот премин Табановце и границата со соседна Србија, полициските службеници од државата и државите од регионот, во соработка со ИПА проектот за сузбивање на сериозен криминал и програмата за гранична безбедност, запленети се монети со археолошка вредност, запленети се пари, конфискувани се возила и спречени се обиди за криумчарење на мигранти, соопштија денеска надлежните од МВР.
Како што изјави портпаролот на МВР Тони Ангеловски, во периодот од 27 март до 4 април годинава Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија заедно со претставници на полициите на Србија, Словенија, Хрватска, Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина, во соработка со Програмата за гранична безбедност на ДЦАФ и Проектот за борба против сериозен криминал во Западен Балкан-ИПА 2019 спроведоа заедничка акција „Артефакт“ на граничниот премин Табановце, патните делници кон Република Србија, како и по должината на целата граница со Република Србија.
Во акцијата, при влез во државата на ГП Табановце, кај македонски државјанин пронајдени се 1.120 парчиња монети со археолошка вредност, кај турски државјанин пронајдена е поголема сума на пари, конфискувани се три украдени возила, откриени два случаи на обид за криумчарење мигранти.
Оливер Јансер, проект-менаџер од проектот за борба против сериозен криминал во Западен Балкан-ИПА изјави дека е важно што акцијата е почната на границата.
– И можевме да видиме колку беше важна операцијата и што можевме практично да го примениме она што учевме, да се спречи шверцот со аретфактите, културното наследство. Колку е важно тоа да се детектира, а и како дел од организираниот криминал и колегите од границата важно е како се комбиниравме и е добар почеток што почнваме од границата и што се проширивме на единицата за организиран криминал. Сакам да се заблагодарам на ДЦАФ кои фантасично ја завршија рабптата, што го организираа и можеме да видиме како функционира вистинското партнерство во регионот, посебно домаќинот Северна Македонија, кој го водеше тоа. Задоволство беше да се види како соработуваат колегите за овие важни теми, постигнувајќи резултати за брзо време, изјави Јансер.
Рок Деренчин од ДЦАФ истакна дека целта е да се унапредат оперативните капацитети на земјите и регионалната соработка.
– Операцијата „Артефакт“ која се случи овие денови беше прва од овој вид и единствена можност службениците од граничната полиција, Царина и криминалистички оддел да ги унапредат своите знаења во препознавањето и спречување на трговија со културни добра, феномен кој не само што зема од идентитетот на државата и нацијата, туку е поврзан и со други сериозни облици на организиран криминал кои влијаат на нашата безбедност и начинот на живот, мислам на тероризам, перење на пари, криумчирање со луѓе и оружје, кажа Деренчин.
При изведувањето на активностите, нагласија од МВР, употребена била специјализирана опрема за откривање и сузбивање на нелегалните активности, а искуствата од заедничката акција ќе бидат корисни за натамошната работа на полициските службеници од овие земји.